Германска катедрала ја отфрли статуата на црниот мудрец Мелхиор од сцената на Христовото раѓање како расистичка


Сто години стара статуа на црниот мудрец Мелхиор е исфрлена од сцената на Христовото раѓање во катедрала во јужна Германија откако некои во парохијата ја нарекле расистичка и одвратна. Други, пак, сметаат дека статуата не треба да се отстранува или да се крие, пренесува РТ.


 

Евангелистичката црковна област Улм на југот на земјата во неделата објави дека ќе ги отстрани тројцата мудреци од божиќните поставки во катедралата Улм оваа празнична сезона. Статуите ја содржат фигурата на мудрецот Мелхиор, чија темноцрна кожа, големи црвени усни и подгрбавена положба се наречени расистички.

Овој потег доаѓа во време на постојана дебата во Германија, во која неодамна имаше повици за истрага за расизмот во рамките на полициските сили на земјата.

Деканот на катедралата, Ернст-Вилхелм Гол, рече дека верниците од неговата парохија ја нарекле дрвената резба одвратна и расистичка. Тој рече:

„ Дрвената фигура на Мелхиор, на пример, со дебелите усни и деформиран изглед, очигледно се гледа како расистичка од денешна гледна точка“.

Портпарол на Иницијативата за црни луѓе во Германија го поздрави потегот, велејќи дека тоа покажува оти сега постои поконзистентен пристап кон расизмот. Покрај тоа, деканот исто така ги повика пејачите на песни да не го користат изразот “црно лице“ овој Божиќ.

Традицијата децата да пеат песни и да носат црна шминка стана контроверзна последниве години и доби дополнително значење годинава во екот на движењето „Блек лајвс медр“ во САД.

„ Секојдневниот расизам е далеку пораспространет отколку што некои луѓе сакаат да признаат. Не станува збор за забрана на црниот мудрец од лулката. Ова навистина би било расистичко. Станува збор за претставата на црниот мудрец од страна на уметникот. Тој им служи на расистички стереотипи “, додаде Гол.

Мелхиор е меѓу 23 фигури изрезбани за сцената на Христовото раѓање за катедралата во ’20-тите години на минатиот век од скулпторот и резбар Мартин Шејбле од Улм. Како реакција на одлуката, епископот на државата Вуртемберг, која го опфаќа Улм, Франк Отфрид Јули, рече дека криењето на историјата на Германија не е вистинскиот пат.

„ Да се обеси такво нешто или да се стави настрана или да се скрие во музеј, мислам дека тоа е најлошиот начин. Нема смисла ретроспективно да се приспособуваат работите на нашите сегашни убедувања. Треба да ги објасните и да ги поставите денес со критичка проценка “, рече тој за ДПА.

Гол рече дека сака заедницата да расправа за иднината за статуата на Мелхиор, а конечната одлука да биде донесена во мир и тишина во Новата година.