14 мај 2023
(Дојче веле)
Голем број бегалци беа сместени во мало село – на секој локален жител имаше по пет новопристигнати. Интеграцијата на бегалците во Германија не е секаде успешна. Но, има и изненадувачки добри примери.
Германските покраини ќе добијат дополнителни милијарда евра за поддршка на бегалците, договорено е на средба во Берлин со канцеларот Олаф Шолц. Дополнителните средства треба да го намалат финансискиот товар на општините и да ја поттикнат дигитализацијата на услугите за странците.
За издржување на бегалците годинава во буџетот беа издвоени уште 2,75 милијарди евра – 1,5 милијарди за бегалците од Украина и 1,25 милијарди за сите други бегалци.
Бројот на баратели на азил значително порасна
Минатата година, повеќето луѓе кои бараа заштита во Германија беа Украинци кои бегаа од војната. Германија прими околу еден милион украински бегалци. За нив важи поедноставена процедура – не мора да поднесат барање за азил. Истовремено, се зголемува и бројот на бегалци од другите кризни подрачја во светот, за што покраините и општините исто така мора да издвојат пари.
Според податоците на Федералната канцеларија за миграција и бегалци, во првите четири месеци од оваа година во Германија биле поднесени речиси 102.000 барања за азил – 78% повеќе отколку во истиот период од 2022. Најголем број бегалци пристигнуваат од Сирија, Авганистан и Турција. Нивното изржување претставува огромен финансиски товар за општините, од кои некои веќе пропаѓаат.
Една општина е за пример
Сепак, има и места кои одговараат на предизвикот. Таков е случајот, на пример, со малото село Дитенброн, како и со целата околна општина во областа Биберах, пишува АРД. Кога пред околу три месеци стана јасно дека малото село со само 35 жители мора да прими 170 бегалци, локалното население тоа го дочекаа на нож.
Во една стара, одамна непостоечка клиника, сè уште беа сместени украински семејства, но и сириски бегалци – млади мажи. Огорченоста беше огромна во тоа време, бидејќи на еден локален жител имаше пет бегалци. Многумина дури стравуваа дека тоа може да го загрози мирот во селото. Но, денес, три месеци подоцна, сите се изненадени од тоа колку добро се одвива се, се вели во извештајот на АРД.
Изданието го цитира Бернд Карер од волонтерска организација која им помага на бегалците, дека интеграцијата на новодојденците била успешна. Зошто едно мало село со стотина жители или општина со околу 6.000 жители успева не само да им обезбеди засолниште на бегалците, туку и да им понуди перспектива за интеграција? А другите, далеку поголеми градови и општини во Германија не можат да се справат со приливот на бегалци?
Меѓу најбогатите окрузи во Германија
Од една страна, областа Биберах во покраината Баден-Виртемберг е меѓу регионите со најсилна економија во Германија, објаснува АРД. Таму работат големи компании како Бохрингер Ингелхеим, Лиебхерр, Касбохрер и други, практично нема невработеност, а општината е без долгови. Сето ова е важно и за егзистенцијата на бегалците.
Сепак, клучот за успехот е посветената работа на волонтерите, изјави за АРД непартискиот окружен советник Марио Глејзер. Без овие луѓе и нивната бесплатна работа и посветеност, немаше да успееме, признава тој. Но, има уште многу работа: на општината и требаат повеќе места во градинките и училиштата, како и повеќе јазични курсеви. Дури и во економски силна област како Биберах, порано или подоцна прашањето се сведува на средствата со кои ќе се финансираат сите овие активности.
Затоа, Глејзер ја поздравува договорената дополнителна финансиска помош за општините и провинциите, но инсистира на изнаоѓање подолгорочно решение за овој проблем.
Фото: ДВ