Германија ќе затвори дел од границата со Франција, Париз преговара


 Германија го стави францускиот пограничен департман Мозел во ризичната зона, а Париз се обидува да преговара со Берлин за да го избегне затворањето на границата од понеделник, јави дописникот на МИА од Париз.


 

Во Мозел, јужноафриканската варијанта која се смета за позаразна и поотпорна на вакцините, е присутна кај 60 отсто од случаите. Париз се обидува да преговара, бидејќи затворањето на германската граница ќе остави 16.000 погранични работници без работа. Тие, сепак, ќе можат да ја поминат границата само со негативен ПЦР тест направен пред најмалку 24 часа, што е невозможно да се реализира во лабораториите.

– Ситуацијата во Франција е очигледно многу напната, но Владата презеде силни мерки за контрола на епидемијата, особено со полицискиот час кој е на сила секој ден од 18 до 6 часот и функционира многу добро, вели генералниот директор за здравство Жером Саломон.

Оваа мерка, според него, „одговара на прашањето за приватните собири и исто така е од голем интерес за француските соседи кои беа изненадени од нејзините ефекти“.

Што се однесува до локалното ограничување – карантини за време на викендите, реализирани во саботата во регионот на Ница и околу Данкерк, каде вирусот циркулираше најмногу, иако „ова се тешки мерки, сепак, здравствените власти сметаат дека имаат вистинско влијание“ за контрола на епидемијата.

Премиерот Жан Кастекс вчера вечер побара од префектите на дваесет најпогодени француски департмани да ги засилат мерките и особено контролата на полицискиот час, со цел  да се избегне целосен карантин на земјата.

Британската варијанта на вирусот е најприсутна  на француска територија (53 отсто од случаите според последните резултати). Во пресрет на враќањето од зимските распусти на учениците, во неколку региони, вклучувајќи го и парискиот, властите тврдат дека „многу строгиот“ здравствен протокол во училиштата „функционира“ и дека „масовното користење на тестови на плунка“  ќе го „зајакне протоколот“. Француските основци и средношколци следат редовна настава од почетокот на школската година во септември.

Генералниот директор за здравство Жером Саломон оцени дека денес помеѓу 15 и 20 проценти од француското население е имуно на вирусот,  пет отсто е вакцинирано, но за да се има „колективен имунитет“потребно е да биде имунизирано 80 отсто од населението.