Германија ја зајакнува борбата против антисемитизмот



Германската Влада денеска соопшти дека ќе ја зајакне својата борба против антисемитизмот во државата, со инвестирање 35 милиони евра во истражувачки и образовни проекти фокусирани на разбирање на причините и ефикасна борба против омразата кон Евреите.


 

Минатата година, во Германија се регистрирани 2.351 случаи на антисемитизам, што претставува зголемување од 15 проценти во однос на претходната година, соопшти полицијата.

– Ова е најголемата бројка во последните неколку години. Има причини за загриженост што ова е само врвот на ледениот брег и дека непријавениот број дневни напади врз Евреите е значително поголем, изјави германската министерка за образование и истражување Ања Карличек.

Карличек наведе дека Владата сака да инвестира милиони во истражување на причините за антисемитизмот.

Според неа, милиони ќе им бидат дадени на универзитетите за да ги проучат различните аспекти на омразата против Евреите и да развијат стратегии како најдобро да се спротивстават. Различни проекти ќе се фокусираат на антисемитизмот во училиштата, во германскиот правосуден систем и на интернет и социјалните медиуми.

Исто така, ќе бидат обезбедени средства за вработување млади научници фокусирани на оваа тема и за поддршка на проекти кои се обидуваат да го едуцираат нееврејското мнозинство во земјата за еврејскиот живот, обичаи и верски ритуали.