Француската Влада од 17 октомври повторно воведува вонредна здравствена состојба



– Француската Влада денеска со декрет повторно воведе вонредна здравствената состојба, што влегува во сила од 17 октомври на полноќ во целата земја, поради влошувањето на епидемијата со Ковид-19, јави дописникот на МИА.


 

„Со оглед на ширењето на целата територија епидемијата на Ковид-19 претставува здравствена катастрофа што го загрозува, по својата природа и сериозност, здравјето на населението. Тоа оправдува да се прогласи вонредна здравствена состојба, така што може да се преземат мерки строго пропорционални на здравствени ризици и соодветни на околностите на времето и местото “, се наведува во соопштението на Советот на министри.

Додека епидемијата продолжува да се развива со загрижувачко темпо, Емануел Макрон вечерва ќе им се обрати на Французите. Тој се очекува да објави „полициски час“ што може да почне веќе во 21 часот од викендов во областите што се со максимална тревога, како што се Париз и неговите предградија, Марсеј, Лион, Монпелје, Лил или Тулуз.

Полицискиот час подразбира затворање на продавниците и јавните места, забрана за движење, враќање кон работа од далечина, регулирање на транспортот:

„Сите опции се на маса во најпогодените градови“, соопштија од опкружувањето на претседателот.

Во Франција вчера беа откриени нови 12.993 случаи на Ковид-19, а 117 лица починаа, стапката на позитивност на тестот сега достигнува 12 отсто.