Фон дер Лајен: Градиме обединет континент со еднаквост пред законот и со слобода и демократија за сите

ursula_2131232112
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Изградбата на мир преку почитување на принципот на владеење на правото е правилото на кое се базира обединета Европа, изјави доцна синоќа по европско време претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето на цермонијата на која на ЕК и беше врачена Светската награда за мир и слобода, што ја доделува Светската асоцијација на правници.

– Кога заврши Втората светска војна, Европа беше разурната и во пепел, а европските земји смртни непријатели. Но, пет од нив решија да простат – не да заборават, туку да простат. Тие и подадоа рака на Германија и на другите под еден услов: да се направи се што е потребно за праведен и траен мир, заснован на владеење на правото, нагласи Фон дер Лајен во обраќањето на церемонијата што се одржа во седиштето на Економскиот и социјален совет на ОН во Њујорк.


Во такви услови, нагласи таа, се роди европската идеја, прво како Европска економска заедница, со само шест членки, која денес прерасна во Европската Унија со 28 земји членки.

– Приказната за нашата Унија е приказна за демократии, млади и стари, кои заедно се зајакнуваат. Тоа е приказна за преродбата на Германија и Италија по војната. Тоа е приказна за патот на Шпанија, Португалија и Грција од диктатура до демократија. Тоа е приказна за демократската ренесанса по падот на железната завеса. И следното поглавје во оваа приказна се пишува денес – во Украина, Молдавија и Грузија, како и во Западен Балкан. Ова е ветувањето на Европа: Обединет континент, каде сите се еднакви пред законот, со слобода и демократија за сите, истакна претседателката на Европската комисија.

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, таа се осврна и на случувањата во Украина, посочувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин ја вратил војната на европскиот континент во која има „градови срамнети со земја, одземени деца од нивните семејства и ладнокрвно убиени цивили“.

– Оваа војна е во спротивност со самата основа на Повелбата на Обединетите нации. Таа е насочена против идејата за светски поредок заснован на меѓународното право, каде што сите суверени земји имаат еднакви права, а сите земји би се воздржувале од „употреба на сила против територијалниот интегритет или политичка независност на која било држава“. Ова е наведено во Повелбата на ОН. Затоа Европа стои до Украина онолку долго колку што ќе биде потребно, рече Фон дер Лајен.

Според неа, Украина не се бори само за сопствената слобода, туку и за слободата на секоја земја, бидејќи траен мир може да се изгради само врз основа на почитување на меѓународното право.

Фон дер Лајен посочи и дека мисијата на ЕУ е да ги штити и промовира основните права во светот кој постојано се менува, се залага за еднаквост меѓу мажите и жените, за гарантирање на слобода за образование и работа и за заштита од насилство.

Таа се осврна и на развојот на дигиталните технологии, кои, како што рече, поставија „нови граници на основните права и затоа се потребни нови закони за заштита на „нашите трајни вредности во онлајн светот“.

– Европа е предводник на тој пат. Први во светот поставивме правила за дигиталните платформи, а сега истото го правиме и со вештачката интелигенција. Работиме со истомислениците, како Канада и САД, но исто така и со Јапонија, земјите од Латинска Америка и Индија за да развиеме еквивалентни правила со цел технологијата да ги зајакне индивидуалните слободи, а не способноста на државата за контролирање, истакна претседателката на ЕК.

Таа додаде и дека  основачките договори на Европската Унија гарантираат солидарност меѓу генерациите, но и заложба дека „нашите деца не треба да ја плаќаат цената за нашите постапки“.

– Тоа значат дека мора да престанеме да и наштетуваме на нашата планета, да ја зачуваме за нашите деца и внуци. И пред две години, Европа стана првиот континент кој оваа заложба ја претвори во Закон за климата, кој предвидува климатската неутралност во Европа до 2050 година. Целата на законот е да се ставаме во служба на нашата планета, потенцира Фон дер Лајен.

Таа потенцира дека Европската комисија се стреми да остане верна на вредности врз кои е изградена ЕУ и обезбеди тие вредности да важат за сите Европејци – мажи и жени, млади и стари, од сите раси, од сите сексуални ориентации и од сите религии.

– Ова е убавината на нашата Европска Унија. Ние сме деца на големи правници, од Цицерон до Монтескје. Ние сме наследници на повоената генерација која градеше мир преку владеење на правото. Но, најдобриот дел од нашата историја допрва треба да се пишува. Патот кон посовршена Унија само што започна. Ви благодариме многу повторно за оваа престижна награда. Да живее Европа, додаде Фон дер Лајен.

Во образложението на Светскиот правнички конгрес се посочува дека Наградата за мир и слобода и се доделува на Европската комисија поради нејзината посветеност на „промовирање на мирот преку правото и на владеењето на правото“.

Светската награда за мир и слобода неформално се смета за еден вид „Нобелова наргада за право“ и таа претставува највисоко признание што го доделува Светската асоцијација на правници.

Меѓу досегашните добитници на оваа награда се и некогашниот британски премиер Винстон Черчил, поранешниот јужноафрикански претседател Нелсон Мандела, шпанскиот крал Фелипе Шести, францускиот нобеловец и коавтор на Универзалната декларација за човекови права Рене Касин, поранешната судијка во американскиот Врховен суд, Рут Бадер Гинсбург и екс-колумбискиот претседател Иван Дуке.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK