Европскиот парламентот предупредува на обидите да се замолчат медиумите


Европскиот парламентот е длабоко загрижен за состојбата со слободата на медиумите во ЕУ и ги осудува насилството, малтретирањето и притисокот со кои се соочуваат новинарите, јави дописникот на МИА.



Во резолуцијата усвоена со 553 гласа „за“, 54 „против“ и 89 „воздржани“, Парламентот се осврнува на „обидите на владите на одредени земји-членки да ги замолчат критичните и независни медиуми и да ги поткопаат слободата на медиумите и плурализмот“. Европратениците се особено загрижени за состојбата со јавните медиуми во некои земји на ЕУ, каде што тие станаа „пример за провладина пропаганда“.

Европратениците сметаат дека слободата на медиумите и плурализмот и независноста и безбедноста на новинарите се суштински компоненти на правото на слобода на изразување и информирање и неопходни за демократското функционирање на ЕУ. Според резолуцијата, „слободата на медиумите се влоши во последните години“, а пандемијата КОВИД-19 го засили овој пад.

-Денес сме сведоци на уништување на демократијата, заземање на власта преку лаги. Нема слобода без независност на медиумите, нема демократија без медиумски плурализам. Медиумите мора да и служат на вистината, а не на лагата. Тие мора да бидат во служба на гласачите, а не на оние што се на власт. Тие мора да помогнат во контролата на моќта. Тие мора да ја заштитат демократијата, но можат и да ја убијат. Ова е причината зошто медиумите мора да бидат независни, нагласи известувачот, полската европратеничка Магдалена Адамович од групата на Европските народни партии.

Европратениците понатаму посочуваат на „растечкиот тренд на заплашување за замолчување на новинарите“ и ги наведуваат убиствата на Дафне Каруана Гализија и Јан Куцијак и неговата свршеница како потсетник за ризиците со кои се соочуваат истражувачките новинари. Тие ги повикуваат јавните личности да се воздржат од дискредитација на новинарите и да инсистираат на законска обврска да се испита секој напад. Европратениците, исто така, посочуваат дека жените новинари се особено ранливи и треба да имаат корист од дополнителна заштита.