ЕУ ги продолжи санкциите за Лукашенко и функционери од Белорусија


ЕУ донесе одлука за продолжување до 28 февруари 2022 година на рестриктивните мерки насочени против функционерите кои ги смета за одговорни за репресијата и заплашувањето на демонстрантите, членовите на опозицијата и новинарите во Белорусија, како и на одговорните за изборна измама.


 

Санкциите на ЕУ исто така се насочени и кон економски субјекти, истакнати деловни луѓе и компании кои имаат корист од и/или го поддржуваат Александар Лукашенко.

По претседателските избори во Белорусија во август 2020 година, за чии резултати ЕУ смета дека се фалсификувани, и бранот демонстрации потоа кои белоруските власти насилно ги задушија, ЕУ воведе санкции за одговорни политички и економски субјекти.

Рестриктивните мерки се состојат од забрана за патување кон ЕУ и замрзнување на имотот за 88 физички лица, вклучувајќи го Александар Лукашенко и седум ентитети.

Покрај тоа, на поединци и субјекти од ЕУ им е забрането директно или индиректно да ги финансираат лицата кои се санкционирани.