ЕУ ги поддржува напорите за воспоставување независна држава Палестина



ript>

– Раководството на Европската унија потврди дека ги поддржува напорите за формирање  независна држава Палестина и дека и натаму е посветена на надминување на палестинско-израелскиот конфликт врз основа на решение за формирање две држави.

Палестинскиот премиер Мохамед Шајех во Брисел одделно се состана со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.


 

„За време на разговорите се фокусиравме на напорите за формирање палестинска држава и за регионални теми. Ја потврдив определеноста на Европската унија за решение на база на воспоставување две држави“, напиша Мишел на социјалните мрежи по средбата со Шајех, пренесе Анадолија.

Кабинетот на Борел соопшти дека шефот на европската дипломатија посочил дека ЕУ продолжува да го поддржува палестинскиот народ и формирањето на државата Палестина.

Борел, исто така, рече дека ЕУ се залага за продолжување на палестинско-израелските мировни преговори за праведно и сеопфатно решение и воспоставување траен мир на Блискиот Исток.

Тој додаде дека ЕУ е подготвена да соработува со сите на тој план.

Борел ја изрази длабоката загриженост на Европската унија поради плановите на Израел за проширување на илегалните еврејски населби на окупираниот Западен Брег, како и депортацијата на Палестинците во регионот и тешката хуманитарна ситуација во блокираната Газа.

Тој истакна дека е загрижувачка и неодамнешната одлука на израелските власти да вклучат шест палестински невладини организации на листата на терористички организации.

Борел притоа најави дека ЕУ ќе го истражи случајот.