Ерменија планира воен и политички сојуз со Нагорно Карабах



 

Среде моменталната состојба во Нагорно-Карабах, властите на Ерменија ги разгледуваат плановите за воспоставување на воен и политички сојуз со непризнатата република, напиша лидерката на владејачката парламентарна фракција „Мај степ алијанс“, Лилит Макунц на својата страница на Фејсбук, пренесува ТАСС.

„Во сегашната ситуација, активно се дискутира за нашите потенцијални активности, вклучително и склучување воен и политички сојуз со Артсак (непризната Република Нагорно-Карабах)“, напиша Макунц.

Претходно, ерменскиот премиер Никол Пашинјан објави дека Ереван исто така ги разгледува плановите за признавање на независноста на Нагорно Карабах.

На 27 септември, Баку објави дека позициите на азербејџанската армија се интензивно гранатирани од Ерменија. Ереван, од своја страна, тврдепе дека вооружените сили на Азербејџан започнале офанзива во правец на Нагорно Карабах, гранатирајќи ги населените места на непризнатата република, вклучително и главниот град Степанакерт.

Двете страни пријавија жртви, вклучително и меѓу цивилното население. Ерменските власти прогласија воена состојба и најавија мобилизација. Азербејџан воведе воена состојба на целата нејзина територија.

Конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан околу планинскиот регион Нагорно Карабах, спорна територија што беше дел од Азербејџан пред распадот на Советскиот Сојуз, но главно населена со етнички Ерменци, избувна во февруари 1988 година откако автономниот регион Нагорно-Карабах најави повлекување од Советската Социјалистичка Република Азербејџан.

Во периодот 1992-1994 година, тензиите зовреа и ескалираа во големи воени акции за контрола над енклавата и седумте соседни територии откако Азербејџан ја изгуби контролата над нив. Разговорите за решението за Нагорно Карабах траат од 1992 година под закрила на групата Минск на ОБСЕ, предводена од нејзините тројца копретседатели – Русија, Франција и САД.