Ексклузивно интервју со еден од преживеаните ХЕРОИ од Чернобил – Степан Дикусар


На 26-ти април 1986 година, во 01:23:40 по Московско време, при тестирање на протоколите за безбедност на нуклеарната централа во Чернобил, настана голема нуклеарна катастрофа поради експлозија на четвртиот реактор. Оваа катастрофа го потресе цел свет и остави трајни последици не само на околината на нуклеарната централа, туку и низ цела Европа.


 

Експлозијата предизвика огромни радиоактивни зрачења во околината на нуклеарната централа и поради тоа тогашното раководство на СССР одлучи да се спроведе евакуација на повеќе од 68.000 луѓе кои живееа во пошироката околина на нуклеарната централа. Серискиот филм кој беше прикажан на HBO во минатиот период успеа да ја долови големината на катастрофата, но и жртвите кои многумина советски граѓани мораа да ги дадат за да спречат поголема катастрофа и со тоа да ги заштитат не само жителите на СССР, туку и на цела Европа.

Освен армијата на СССР која се справувала со последиците од хаваријата, малку е познато дека и голем број советски граѓани доброволно се приклучиле кон справувањето со оваа нуклеарна катастрофа. Биле подготвени и си го жртвувале дури и животот, се со цел да ги спасат своите сонародници, но и останатите жители на Европа. Доброволци се приклучувале од сите советски републики…

На 15 – на километри од центарот на Кишинау (Кишињев на руски), главниот град на Република Молдавија се наоѓа Бачиои, место во кое живее Степан Дикусар. Вреден но едноставен човек кој го сака животот, го сака своето семејство, но голем патриот и човек со големо срце.

Степан Дикусар

Ја имавме можноста да направиме ексклузивно интервју и со тоа да се обидеме да ви ја пренесеме вистинската слика за справувањето со хаваријата во Чернобил, да ви ги пренесеме чувствата на оние кои се бореле за да спречат повеќе жртви, притоа жртвувајќи се себеси…

 

Опсервер:

Г-дин Дикусар може ли да ни кажете нешто за себе?

Степан:

Роден сум 23.09.1964 во Бачиои, Кишињев, Молдавија. Доаѓам од големо семејство и имам 6 браќа. Во тоа време сите задолжително одевме во војска, па така и јас бев војник, односно, бев командир на борбено возило – БМП 1. По враќањето од армијата, на 22 години се оженив, а по враќањето од Чернобил добив два сина и две ќерки. Во времето на несреќата работев како оператор на машина за бетон во фирма во Молдавија.

 

Опсервер:

Како станавте доброволец во Чернобил?

Степан:

Имаше јавен повик во Кишинау, со кој се бараа доброволци кои ќе работат во Чернобил.

Опсервер:

Во денешно време е тешко да се замисли дека некој би се жртвувал себеси за некое општо добро, па би Ве замолиле да ни кажете што чувствувавте и зошто се приклучивте доброволно за толку опасна задача?

Степан:

Во тоа време луѓето се почитуваа меѓу себе. Си помагавме и достоинството беше вреднувано и битно. Кога чув дека се потребни луѓе кои ќе спречат поголема хаварија, кратко се мислев дали да се приклучам. Сепак, имав семејство, сопруга со која планирав деца и која ја сакав со целото мое срце, имав живот. Одлучив да се пријавам затоа што со тоа ќе придонесев да се спречи поголема катастрофа, со што го заштитив и моето семејство. Знаете, не беше едноставно да се донесе таа одлука, но кога ќе се земе во предвид дека со мојата жртва јас му помагам не само на моето семејство, туку и на многу други, ја донесов одлуката да одам. Веројатноста дека нема да се вратам, или ќе се вратам со сериозни последици беше голема. Знаевме дека си го жртвуваме животот. Дека и да се вратиме, ќе биде чудо да живееме подолго. Но, моето семејство ќе се гордее со мене и тоа што го направив.

Степан со сопругата Елена и првиот син Александар

 

Опсервер:

Што се случуваше таму? Каде бевте сместени, што работевте….?

Степан:

Во Чернобил бев во период од 19 август до 19 октомври 1986 година. Бевме сместени на 30 км од Чернобил и секој ден не носеа до работните позиции. По сместувањето сите добивме посебни задачи, во зависност од тоа за што бевме стручни. Јас бев возач – оператор на машина за бетон со работна позиција во зона 1, помеѓу третиот и четвртиот реактор, односно во најопасниот дел во Чернобил. Поради големото радиоактивно зрачење, работевме во кратки смени, односно, 10 минути работа па потоа 15 минути се засолнувавме во специјален бункер. Така функциониравме во целиот период до 19 октомври, кога не пратија дома. Пред да влеземе на територијата на Молдавија, бевме симнати од воз, и поради тоа што се што имавме со нас беше озрачено и имаше радиоактивна прашина, не соблекоа целосно голи, ни ги одзедоа сите работи кои ги имавме и не избањаа. Тек потоа не пуштија да продолжиме со патувањето дома.

Степан со другар во објектот во кој биле сместени во близина на Чернобил

 

Опсервер:

Со оглед на Вашата жртва, претпоставувам бевте некако наградени од СССР?

Степан:

Да, секако. Како награда добивме по 5000 рубљи, што за тоа време беа исклучително многу пари. Веднаш потоа ни беше доделена пензија, но ни беше забрането да работиме. Не сакаа никако да си ја влошуваме здравствената состојба. Секако, добивме и ордени за храброст и бевме многу почитувани од сите сограѓани поради тоа што го направивме. Нашите деца секоја година државата ги носи на одмор.

Првата медаља по враќањето од Чернобил

 

Опсервер:

СССР веќе го нема. Имате ли некаква помош од Молдавија, сега откако е независна држава?

Степан:

Да, да. Бенефициите воопшто не ни ги укинаа. Сеуште добивам пензија, а децата одат бесплатно на одмор. Добивме и уште ордени по повод годишнините од хаваријата. А имаме и здружение во кое членуваме сите кои учествувавме во справувањето со хаваријата.

 

Опсервер:

Од аспект на здравје, како сте?

Степан:

Имам некои проблеми со здравјето. Но, два пати во годината јас со целото мое семејство одам на детални прегледи кај посебна комисија. Докторите во детали ја следат мојата здравствена состојба и превземаат мерки за да ми го задржат здравјето во што подобра состојба.

Опсервер:

Дали сеуште комуницирате со луѓето кои беа во Вашиот тим?

Степан:

За жал, сите се починати. Само јас сум сеуште жив.

Опсервер:

Што направивте различно од другите што ве одржува во живот?

Степан:

Мислам дека е до виното (се смее). Јас уште тогаш многу пиев домашно молдавско вино. Редовно ми праќаа од дома. И сеуште пијам. Виното кое се прави кај нас е многу квалитетно и мислам дека тоа е она што ме одржува. Секако, голема потпора ми се и децата кои се родија по моето враќање од Чернобил.

Опсервер:

Ни беше чест да разговараме со Вас. Сепак, со Вашата жртва помогнавте и на македонскиот народ, бидејќи помогнавте во спречување поголема хаварија.

Степан:

Ме изненадивте со поканата за интервју. Ви благодарам за почитта и за македонското вино. Со мојот помал син Григориј го поздравуваме целиот Македонски народ!

Степан и помалиот син Григориј