Џонсон: Не треба да не залажуваат подобрите податоци за Ковид-19


Британскиот премиер Борис Џонсон денеска изјави дека е важно луѓето да не донесуваат предвремени заклучоци по само неколку дена подобрена состојба со Ковид-19 и ги замоли жителите на остоворот да останат внимателни.


 

-Секако дека забележав дека имаме подобри бројки во последните шест дена, но многу, многу е важно од тоа да не дозволиме да извлечеме избрзани заклучоци, им рече Џонсон на новинарите при посета на една полициска станица.

„Луѓето треба да останат многу внимателни и тоа останува пристап на владата“, додаде тој.

Британскиот премиер на 19 јули ги укина речиси сите ограничувања поврзани со пандемијата на коронавирусот во Англија за да го забрза закрепнувањето на економијата, и тој ден беше наречен „Ден на слободата“.

Велика Британија неодамна забележа раст на бројот на новозаразени, но од 20 јули, ден по отворањето, бројот на нови инфекции постојано се намалува.

Џонсон верува дека една од најголемите економии во Европа може да се активира со целосен капацитет заради огромниот процент на вакцинирано население, а неговата одлука претставува ново поглавје во глобалниот одговор на коронавирусот.

Доколку неговата одлука се покаже добра, тоа би бил излез од пандемијата, но новата стратегија носи и ризици – може да се појави варијанта отпорна на вакцините или бројот на заболени да го преоптовари здравствениот систем.

Велика Британија е на седмото место во светот по смртни случаи, но 87 проценти од британското возрасно население примило барем една доза од вакцината,а повеќе од 68 проценти се ревакцинирани.