Двајца странци приведени во Јужна Кореја за објавување закани на ѕидот на француската амбасада



 

Полицијата во Сеул уапси двајца странски државјани затоа што ставиле флаери со закани на ѕидот на Француската амбасада во Јужна Кореја, објавија медиумите во понеделникот.

Според официјалната новинска агенција Јонхап, двајцата 25-годишни осомничени, чии имиња и националност не се откриени, се обвинети за поставување пет флаери со пароли поврзани со исламот на ѕидот на амбасадата во центарот на Сеул на 1 ноември.

„Полицијата ги истражува односите меѓу двајцата осомничени, нивните мотиви и можната поврзаност со тероризмот“, рече шефот на полициската агенција во Сеул, Јанг  Ха-Јеон.

Јанг додаде дека полицијата го разгледува прашањето за зајакнување на безбедноста на другите странски дипломатски мисии во главниот град на Јужна Кореја.

Извештајот доаѓа во време кога Франција е во состојба на тревога поради зголемената исламска закана како резултат на неодамнешните терористички напади што се случија во европската нација минатиот месец.

На 16 октомври, радикализиран тинејџер на периферијата на Париз обезглави професор по француски јазик за користење карикатури на исламскиот пророк Мохамад за едукативни цели. Во друг напад во Ница на 29 октомври, исламист уби три лица во католичка катедрала.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека нацијата е под терористички напад, ја зајакна безбедноста низ Франција и нареди посилни контратерористички мерки за спречување на исламистичката закана.

Макрон исто така изрази поддршка за употребата на карикатури што го прикажуваат пророкот Мохамад како манифестација на слобода на говорот по бруталното убиство на професорот. Говорот на Макрон ги налути лидерите на исламските земји, како и муслиманските малцинства низ светот, кои сметаат дека тоа е навредливо за оваа религија бидејќи карикатурите се забранети во исламот.