Париската полиција денеска отвори оган врз жена која наводно се заканувала во возот, што е последен безбедносен инцидент во земја која го подигна нивото на безбедност поради терористички закани, откако исламски екстремист овој месец уби професорка во средно училиште.
Според „Фигаро“ жената носела исламски превез, абаја, а покрај заканите изговарала и зборови кои го оправдуваат тероризмот.
Полицијата соопшти дека засега нема информации за состојбата на жената, пренесе АП.
Од полицијата додале дека отвориле оган откако жената не одговорила на нивните предупредувања.
Полицијата реагирала откако патник во возот повикал брза помош и пријавил дека жената се заканува, но не се знае за какви закани станува збор.