Доминиканска Република ја затвора границата по убиството на претседателот на Хаити



Доминиканска Република денеска соопшти дека ја затвора границата со Хаити, по атентатот врз претседателот на соседната земја, Жовенел Моиз.


 

Двете држави од островот Хиспаниола имаат заедничка граница од 380 километри, а портпаролот на Министерството за одбрана, Кенет Санчез, за француските медиуми изјави дека нејзиното затворање ќе следи „веднаш“.

Доминиканскиот претседател Луис Абинадер го осуди убиството, и на Твитер напиша дека злосторството „го поткопува демократскиот поредок на Хаити и регионот“.

Тој изрази сочувство до семејството Моиз и граѓаните на Хаити.

Според локалните медиуми, Абинадер ги свикал воените команданти за да ја анализираат состојбата на островот.

Претседателот на Хаити,Жовенел Моиз, рано утринава беше убиен во напад врз неговата резиденција. За време на нападот била повредена и неговата сопруга, Мартин Мари Етјен Џозеф, која подоцна почина во болница од здобиените прострелни повреди.

Премиерот Клод Џозеф го повика населението на смиреност, уверувајќи го дека „безбедносната состојба во земјата е под контрола на националната полиција и вооружените сили на Хаити“. Во следните неколку часа, Џозеф, кој привремено ќе ја преземе должноста претседател, ќе им се обрати на граѓаните на земјата.

САД го осудија убиството, оценувајќи го како „ужасно“ и соопштија дека се подготвени за соработка во истрагата, додека ЕУ предупреди на можна „спирала на насилство на Хаити“.