Најмалку 54 лица починаа во област во северната индиска сојузна држава Утар Прадеш, пишува денеска весникот „Тајмс оф Индија“, а властите истражуваат дали смртните случаи биле предизвикани од топлотниот бран во таа областа.
Локалните весници пишуваат дека уште 45 лица починале во соседната држава Бихар.
Индискиот метеоролошки оддел (IMD) минатата недела издаде црвено предупредување поради екстремни горештини во некои делови од земјата, вклучувајќи ги Утар Прадеш и Бихар.
Владата соопшти дека ја истражува причината за починувањето на луѓето во текот на три дена од минатата недела во областа Балија во Утар Прадеш, околу 970 километри југоисточно од Њу Делхи.
„Во округот има смртни случаи, но многу е тешко да се каже дали тоа се должи на топлотниот бран“, изјави Равиндра Кумар, највисок административен функционер во областа, кој не го потврди бројот на починати.
Температурите во последните денови во Балија се приближија до 45 степени Целзиусови, а енергетската криза ја влоши ситуацијата.
Најмалку 45 луѓе ги загубија животите во Бихар поради болести поврзани со жештината, пишува весникот „Хиндустан тајмс“. Официјални лица во Патна, главниот град на Бихар, не одговараа на повиците.
Додека се очекува топлотниот бран да продолжи, делови од североисточната држава Асам се соочуваат со поплави предизвикани од обилните дождови.