Децата и коронавирусот: Што покажуваат последните истражувања?


15 јануари 2021 



Дојче Веле, Бон

До неодамна се сметаше дека децата ретко се заразуваат со коронавирус и не можат да го шират. Најновите истражувања покажаа дека тоа не е сосема точно.

Што да се прави со училишните активности во контекст на пандемијата на коронавирусот: да продолжат да ги реализираат на Интернет или да ги враќаат учениците во училниците? Ова прашање сега е предмет на најжестока дебата во многу земји. Застапниците на отворањето на училиштата тврдат дека децата се исклучително ретко изложени на ризик од инфекција со коронавирус и затоа не играат значајна улога во нејзиното ширење. Всушност, тоа не е случај.

Децата се инфицираат со коронавирус барем толку често како возрасните

Истражувачите од Универзитетот во Виена, предводени од микробиологот Мајкл Вагнер, одлучија да откријат колку е голем бројот на незабележани инфекции со САРС-КоВ-2 кај децата на училишна возраст. Студија што тие ја спроведоа минатата есен, покажа дека учениците на возраст под 14 години биле заразени со коронавирус барем толку често како и наставниците.

Истражувачите зеле тестови за коронавирус од ученици во повеќе од 240 училишта во Австрија. Вкупно, биле тестирани околу 10.000 ученици на возраст од шест до 14 години. Откриле дека коронавирусните инфекции се подеднакво чести и кај нив, како и кај 1.200 наставници кои учествувале во студијата, чии резултати беа објавени на 4 јануари.

-Во секое трето или четврто одделение, во кое земавме примероци, беше откриено заразено дете кое немаше никакви симптоми, рече Мајкл Вагнер.

Тестот беше спроведен на невообичаен начин: учениците мораа да прават гаргара една минута со специјален раствор на солена вода, која потоа ја плукаа во епрувета. Примероците потоа беа испитани со PCR (полимеразна верижна реакција). Овој метод е помалку непријатен за децата отколку традиционалниот метод, кој зема примероци од грлото и назофаринксот со памук. Резултатите од студијата покажаа дека децата се изложени на ризик од инфекција со коронавирус барем толку често како и возрасните, но тие не покажуваат никакви симптоми.

Германските научници дојдоа до слични заклучоци.

Студија на Центарот „Хелмхолц“ во Минхен, раководена од Анет Зиглер, а спроведена од јануари до јули 2020 година вклучи 12.000 деца на возраст од една до 18 години, кои биле тестирани за антитела. Една третина од децата чии членови на семејството биле заразени со коронавирус биле позитивни.

-Шест пати повеќе деца беа заразени со коронавирус отколку што мислевме, рече Зиглер. Кај речиси половина од децата, болеста е асимптоматска и антителата кон коронавирусот се појавуваат во рок од една до четири недели.

Асимптоматски вектори на коронавирусот

Фактот дека децата често пати немаат никакви симптоми и дека инфекцијата може да се развие, а потоа незабележано да се шрошири, делумно се должи на таканаречените наивни Т-лимфоцити. Задачата на Т-лимфоцитите е да откриваат и уништуваат патогени микроорганизми кои го напаѓаат телото. По првичниот контакт со патоген, овие имунолошки клетки ја задржуваат својата меморија. Т-лимфоцитите кои не биле во контакт со антигенот се нарекуваат наивни Т-клетки.

-Фактот дека децата и возрасните реагираат различно на коронавирусот може да се објасни со дејството на наивните Т-клетки, вели Дона Фабер, микробиолог и имунолог на Универзитетот Колумбија, во интервју за Дојче веле.

Минатата година, таа предводеше истражувачка група која ги разгледуваше имунолошките одговори на децата и улогата што може да ја играат наивните Т-лимфоцити во сузбивањето на пандемијата Ковид-19.

-Необучените или наивни Т-лимфоцити можат да реагираат многу поинаку на патогени микроорганизми. Во телото, децата имаат цел арсенал на такви клетки, кој постојано се надополнува. Возрасните, пак, со возраста ја губат способноста да создаваат нови наивни Т-клетки , рече Фабер.

Наивните Т-лимфоцити циркулираат помеѓу крвните садови и периферните лимфоидни органи. Кога ќе дојдат во контакт со антиген, тие добиваат сигнал за размножување и потоа можат да предизвикаат адаптивен или стекнат имунолошки одговор.

Кај возрасните, Т-клетките, од друга страна, се обучени да реагираат на инфекции што веќе ги доживеале, како што се вируси на грип, така што имунолошкиот одговор кај возрасните е генерално многу посилен. Коронавирусот е нов патоген што влијае на луѓето, но децата се подобро способни да ја толерираат инфекцијата асимптоматски, поради фактот што имаат многу повеќе наивни Т-клетки во нивните тела.

Дали децата можат да бидат супер дистрибутери?

Досега е потценета опасноста од ширење на коронавирусот кај децата, велат научниците. Неодамнешните студии открија дека децата можат да ја носат инфекцијата без да покажуваат симптоми на болеста. Во исто време, тестовите за коронавирус кај деца се исклучително ретки.

-Децата не се ко-дистрибутери на коронавирусот, вели Јорг Дојч, директор на клиниката за детска и адолесцентна медицина на Универзитетската болница во Келн. „Се разбира, овој вирус може да се пренесе преку деца, но веројатноста е многу помала од пренесувањето од возрасен на возрасен“, вели германскиот лекар.

Осврнувајќи се на студија на австралиски колеги, Дојч ги цитира следниве бројки: инфекција на дете од дете е 0,3 отсто, а од возрасен до возрасен – 4,4 отсто. Од ова произлегува дека децата се инфицираат едни со други 10 пати помалку од возрасните. Ова е потврдено со првите резултати од пилот-проектот спроведен во Германија во декември со поддршка на Министерството за образование и истражување на Сојузна Република Германија.

Во проектот учестуваа 16 просветни институции, вклучително и две градинки. Извршени се 5.000 инспекции (меѓу нив 2.000 деца од предучилишна возраст). Во 16 паралелки имаше позитивни резултати. Но, дури и во овие парлалеки немаше ниту еден случај на инфекција меѓу соучениците, односно немаше натамошно ширење на инфекцијата кај децата, изјави германскиот лекар.