Целодневен полициски час во Западен Дарфур заради племенски судири


Суданските власти воведоа целодневен полициски час во провинцијата Западен Дарфур, по племенските судири меѓу Арапите и другите неарапски племиња во кои од вчера се убиени најмалку шест лица и ранети се најмалку 28 лица.



Властите на Западен Дарфур изјавија дека полицискиот час стапува на сила денеска и дека ќе трае до новото известување, а вклучува и забрана за работа на сите продавници и секаков вид собири.

Според указите на власта безбедносните сили и војската добија овластување да користат сила за да ја контролираат ситуацијата, јавуваат американските медиуми.

Насилството во Западен Дарфур избувна две недели откако Советот за безбедност на ОН го заврши мандатот на заедничката мировна мисија на светската организација и Африканската унија во регионот Дарфур, по притисок на суданската преодна влада, Русија и некои африкански земји.

Дарфур и натаму е длабоко поделен од последиците на вооружениот бунт и неговото брутално задушување пред две децении.

Пред повеќе од една година, најмалку 54 лица беа убиени во судири меѓу Арапите и неарапите во Западен Дарфур, а околу 40.000 лица беа раселени, од кои илјадници избегаа во соседен Чад.