Блинкен во Берлин ќе разговара за руско-украинските тензии


– Американскиот државен секретар Антони Блинкен денеска пристигна во Берлин на разговор со сојузниците со цел да се смират руско-украинските тензии, само еден ден по предупредувањето дека Русија наскоро би можела да ја нападне Украина.


 

Американскиот претседател Џо Бајден вчера изјави дека мисли оти претседателот Владимир Путин ќе ја нападне Украина, откако стави десетици илјади војници долж границата.

Тој истакна дека инвазијата од широки размери ќе резултира со американски одговор, што Русија и нејзината економија скапо би го платила.

Блинкен, кој претходно престојуваше во Киев, ќе разговара со претставниците на Германија, Франција и на Велика Британија, а утре во Женева ќе разговара со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Шефот на германската дипломатија во Берлин ќе одржи говор за тензиите во Европа и можните последици, изјави висок претставник на Стејт департментот.

Блинкен во говорот ќе ја прикаже кризата како клучен момент за меѓународен поредок заснован на правила, додаде претставникот.

Исто така, ќе истакне и дека Москва со своето дејствување го постави прашањето кога ќе престанат напорите да за обнова на советската империја, но и дека Вашингтон верува дека е можно дипломатско решение.

Американско-руските преговори претходната недела не донесоа резултати.

Германија во вторникот сигнализираше дека би можела да го запре гасоводор „Северен тек 2“ доколку Москва ја нападне Украина.

Блинкен вчера напомена дека акумулацијата на руски војници се одвива „без провокација и без причина“.

Руски надворешно-политички аналитичари оценуваат дека утрешните разговори меѓу  Блинкен и Лавров се „веројатно последната шанса“ за постигнување договор.