Германија не ја поддржува иницијативата на украинскиот претседател Володимир Зеленски за одземање на правото на вето на Русија во Советот за безбедност на ОН, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.
„Не, ние не го поддржуваме ова и разговараме за тоа со нашите украински партнери неколку пати во текот на преговорите. Мислам дека ова е важно за дискусијата во Германија: ние не поддржуваме се што Украина и предлага на нашата влада“, рече Бербок во интервју за телевизијата „АРД“.
Како што истакна таа, неопходно е да се заштити Повелбата на ОН и да се размислува за начини за модернизација на организацијата.
Претходно, за време на говорот во Советот за безбедност на ОН, Зеленски изјави дека организацијата е во „ќорсокак“ и дека тоа наводно е поврзано со правото на вето на Русија. Тој предложи реформа на ОН, конкретно механизмот за користење на ветото. Како што рече, Генералното собрание на ОН треба да има право да го отфрли ветото со две третини гласови.
После тоа, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Генералното собрание на ОН треба да ги разгледа причините поради кои не се спроведени претходно усвоените резолуции на Советот за безбедност на ОН, наместо да се разгледуваат случаите на користење на ветото под притисок на западните земји.