Бер: Австриската разузнавачка служба е застарена



 

Австриската разузнавачка служба е целосно застарена и не може доволно да ги заштити граѓаните од тероризам и други опасности, предупредуваат експертите.

Шефот на Службата за заштита на уставноста и борбата против тероризмот (ЛВТ) на покраината Штаерска, Руперт Мајкснер даде ваква анализа за институцијата што ја предводи.

Тој посочи дека во Штаерска има 14 џамии кои работат спротивно на Уставот и повеќе од 2.000 исламисти, вклучително и 23 лица кои се карактеризираат како потенцијално опасни лица и додаде дека ЛВТ не може да ги следи доволно.

Во врска со ова, експертот за безбедност од Грац, Зигфрид Бер, изјави за виенскиот дневен весник „Кронен цајтунг“ дека знаел дека ситуацијата е загрижувачка, но не толку страшна.

„Одамна предупредував дека во нашата земја се можни терористички напади, а тоа го докажа и нападот во Виена. Технолошките методи на разузнавачката служба се целосно застарени и некоординирани”, тврди Бер.

Тој рече дека обуката на членовите на ЛВТ мора да се реформира.

„Најдобрите глави на земјата мора да бидат во службата“, смета тој, додавајќи дека така американските служби регрутираат луѓе на универзитетите со години.

Терористичкиот напад на 2 ноември во Виена, во кој беа убиени четири лица, а повеќе од 20 беа ранети, покажа дефицити на разузнавачката служба, која не ја препознала опасноста од терористот Кујтим Фејзулај.