Белоруската опозиција од Брисел бара конкретни мерки за помош од ЕУ


Белоруската опозиција од Брисел бара конкретни мерки за помош од ЕУ - МИА



Брисел, 21 септември 2020 () – Светлана Тихановскаја, заедно со уште двајца претставници на белоруската опозиција во егзил, од Европскиот парламент се заблагодарија за досегашната помош од страна на ЕУ, и бараат повеќе конкретни мерки, јави дописничката на од Брисел.

Додека министрите за надворешни работи се обидуваат да постигнат согласност за санкции против лица од белорускиот режим одговорни за фалсификатот на претседателските избори од 9 август и за бруталната репресија врз демонстрантите, тројца претставници на белоруската опозиција пред европските пратеници попладнево уште еднаш побараа да не се признае легитимитетот на Александар Лукашенко и да се помогне со меѓународни истраги за репресијата во Белорусија.

Светлана Тихановскаја, која ЕУ ја признава за легитимна победничка на изборите, од ЕП повтори дека се итно потребни нови фер, слободни и транспарентни избори во Белорусија, под надзор на локални и меѓународни набљудувачки мисии, и дека белорускиот народ е “подготвен да протестира со години“ ако тоа биде потребно.

Тихановскаја ги повика европратениците, и земјите на ЕУ, да покажат солидарност со белорускиот народ со тоа што ќе го поддржат граѓанското општество и медиумите независни од режимот на Лукашенко. Но, и преку истраги.

-Барам од вас да ја разгледате опцијата за кривични истраги за лицата инволвирани во репресијата, имам изготвено список на лица кои учествуваа во бруталната репресија врз народот и санкции против нив можат да бидат усвоени на ниво на ЕУ, исто така барам од вас да ги ревидирате партнерствата со државни организации блиски до Лукашенко и да работите за одржување на фер, слободни и транспарентни избори, изјави Тихановскаја.

Таа додаде дека народот во Белорусија „никогаш нема да ги признае резултатите од изборите на деветти август“.

-Лукашенко очајно се држи за власта и ни се заканува со војна, алармираше опозиционерката во егзил.

Европратениците, кои неодамна изгласаа резолуција со која се повикува на ЕУ санкции против режимот на Лукашенко, ја поздравија храброста на демонстрантите и опозиционерите во Белорусија и и се извинија што ЕУ е „неспособна“ сѐ уште да постигне согласност за санкции.

Министрите за надворешни работи на ЕУ во моментов сѐ уште преговараат во Брисел за санкции, кои се најавуваат со недели. Според последните информации, компромисот го кочи Кипар, кој бара прво исти санкции против властите во Турција поради тензиите во источниот Медитеран, но бројни гласови во Брисел обвинуваат дека е тоа параван за заштита на руските интереси во Кипар.

Тихановскаја денеска уште еднаш порача дека протестите во Белорусија не се ниту проевропски, ниту проруски, туку демократски.