Смртта на Хенри Кисинџер, познатиот, но и контроверзен американски дипломат, „е многу голема загуба“, изјави во четвртокот портпаролот на Белата куќа.
„Ова беше човек, без разлика дали се согласувавме со него или не, кој храбро и служеше на оваа земја во униформа за време на Втората светска војна и со децении потоа. Мислам дека сите можеме да му се заблагодариме за неговата работа“, рече Џон Кирби.
Кисинџер почина во средата на 100-годишна возраст.
„Неоспорно е дека тој влијаел на надворешнополитичките одлуки во текот на тие децении и на улогата на Америка во светот“, додаде тој.
Американскиот претседател Џо Бајден официјално не реагираше на смртта на Кисинџер.
„Беше исклучително дарежлив во својата мудрост и совети. Малку луѓе беа подобри студенти по историја, а уште помалку придонесоа за обликување на историјата како Хенри Кисинџер“, рече американскиот државен секретар Антони Блинкен за време на посетата на Израел.