Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, ја истакна потребата за смирување на тензиите во разговорите со шефот на израелскиот Совет за национална безбедност, Цачи Ханегби, соопшти синоќа Белата куќа.
Израел гранатираше цели на Исламски џихад во Газа, а палестинските милитанти истрелаа стотици ракети преку границата, активирајќи сирени до Тел Авив. Во меѓувреме Египет почна да посредува за прекин на борбите.
Израел вели дека палестинските милитанти од Газа истрелале повеќе од 460 ракети, додека израелската војска погодила повеќе од 130 цели во Газа, во најтешките борби во последните девет месеци.
Шест лица загинаа, а 45 се повредени во Газа, според локалните лекари. Од израелска страна, неколку луѓе се повредени брзајќи кон засолништата, а повеќето од палестинските ракети биле пресретнати или паднале на отворен простор, јавува Би-Би-Си.
Новите напади дојдоа еден ден откако 15 Палестинци беа убиени во израелските напади врз Газа, меѓу кои и тројца лидери на Исламскиот џихад. Милитантната група, втора по големина на палестинската територија по Хамас, вети дека ќе се одмазди за нивната смрт.
Во синоќешното телевизиско обраќањ, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху предупреди дека израелската „кампања не е завршена“.
„На Исламски џихад му го зададовме најголемиот удар што некогаш го претрпел“, рече тој, мислејќи на истовременото убивање на тројца команданти во раните утрински часови во вторникот.
Неколку часа пред говорот на Нетанјаху, египетските медиуми објавија дека Египет посредувал за прекин на огнот, но немаше непосредна потврда од двете страни. Набргу потоа, уште една ракета беше истрелана кон јужен Израел и следеа нови напади во Газа.