Бајден со директна порака на заканата од Иран: Ќе одговориме

Бајден-со-директна-порака-на-заканата-од-Иран-Ќе-одговориме.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Американскиот претседател Џо Бајден испрати ретка порака до иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, предупредувајќи го Техеран да не ги таргетира американските војници на Блискиот Исток, соопшти Белата куќа, по серијата напади врз американските сили во регионот.


„Испратена е директна порака“, рече портпаролот на Белата куќа Џон Кирби на брифингот со новинарите, но не даде детали.

Американските власти сакаат да избегнат поширок конфликт на Блискиот Исток по нападот на Хамас на 7 октомври, пишуваат регионалните медиуми.

Околу 900 дополнителни американски војници се упатени или неодамна пристигнаа на Блискиот Исток за да ја зајакнат противвоздушната одбрана и да го заштитат американскиот персонал во услови на пораст на нападите во регионот од групи поврзани со Иран, соопшти Пентагон, пренесе „Хина“.

Војската на САД беше нападната најмалку 12 пати во Ирак и четири пати во Сирија минатата недела, додаде тој.

Бајден рече дека го предупредил ајатолахот дека САД ќе одговорат ако американските сили продолжат да бидат мета, но не кажа како е пренесена пораката.

„Моето предупредување до ајатолахот е дека ако продолжат да дејствуваат против армијата, ние ќе одговориме, а тој треба да биде подготвен. Ова нема никаква врска со Израел“, им рече тој на новинарите.

Израел ја бомбардира Газа од воздух, воведе опсада и подготвува копнена инвазија.

Палестинските власти тврдат дека биле убиени повеќе од 7.000 луѓе.

Американскиот министер за финансии Џенет Јелен рече дека администрацијата на Бајден бара повеќе опции за да го намали протокот на средства за Хамас по нападот врз Израел.

Јелен во интервју за „Блумберг“ рече дека администрацијата веќе презела „голем број“ чекори за воведување санкции кон Хамас.

Рече дека засега не гледа многу последици од конфликтот меѓу Израел и Хамас врз глобалната економија, но внимателно ги следи случувањата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK