Бајден разговараше со Гутереш за стратешко партнерство во борбата против пандемијата


– Новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден разговараше со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, за „стратешкото партнерство“ во борбата против пандемијата на Ковид-19 и климатските промени – две прашања во кои Доналд Трамп отфрли мултилатерален пристап, соопшти тимот на Бајден.



Актуелниот претседател на САД ги нарече климатските промени „измама“, и во 2017 година ги повлече САД од глобалниот договор за борба против глобалното затоплување – кој беше официјално финализиран на почетокот на ноември оваа година – додека Бајден вети дека ќе ги врати САД во глобалниот климатски пакт договорен во Париз во 2015 година.

Трамп исто така го прекина и американското финансирање на Светската здравствена организација (СЗО) и ја повлече земјата од членството во таа организација, што треба да биде официјализирано во јуни следната година. Американскиот претседател ја обвини СЗО дека е играчка во рацете на Пекинг.

Бајден најави дека ќе ја поништи и оваа одлука на Трамп.

Гутереш и Бајден разговараа и за „одговор на хуманитарни кризи, зајакнување на одржливиот развој, одржување на мирот и решавање на безбедносните кризи, како и промовирање на демократијата и човековите права“, се вели во соопштението на тимот на Бајден.