Австрија, Данска и Грција бараат „небирократско“ одобрување на вакцината на АстраЗенека


– Данска, Грција и Австрија ќе побараат од Европската агенција за лекови (ЕМА) брзо и „небирократско“ одобрување на вакцината на АстраЗенека, изјави денеска австрискиот канцелар Себастијан Курц.



Тој рече дека е договорена заедничка акција со премиерите на Данска и Грција.

– АстраЗенека е вакцина што ја развиваат познати експерти, ЕМА ги има сите информации за таа вакцина од 12 јануари. За мене е важно да се залагаме за побрза одлука на ЕМА, објасни тој.

Курц побара итна, небирократска одлука за одобрување на вакцината. Тој потсети дека вакцината веќе се користи во Велика Британија и некои други држави.

Тој, исто така, посочи дека ЕМА требало да одржи седница на крајот на месецот во врска со одлуката за одобрување на вакцината на АстраЗенека.

– Секој ден е важен за нас. Новата мутирана варијанта е очигледно поефикасна, така што не става пред голем предизвик. Секој ден што се добива со побрзо одобрување на вакцината е ден во борбата против вирусот, нагласи тој. Курц, исто така, побара и ЕУ да донесе јасна стратегија во врска со патувањата, односно влез од држави вон Унијата.