Аунг Сан Су Чи за првпат доби дозвола да се брани пред судот



ript>

– Мјанмарската уапсена поранешна премиерка Аунг Сан Су Чи вчера за првпат сведочеше пред судот откако беше сменета со државниот удар и притоа ги негираше обвиненијата на хунтата, се наведува во извештаите на локалните медиуми, пренесува ДПА.


 

Еден од нејзините адвокати, кој побара да остане анонимен, за локалниот портал „Myanmar Now“ изјави дека „таа доби можност многу добро да ја брани својата невиност“, но одби да даде какви било детали бидејќи сите адвокати се под наредба за молчење.

Главниот адвокат на Су Чи доби директна забрана за зборува откако пред две недели на медиумите им ги кажа деталите  од сведочењето на сменетиот претседател Вин Мајнт, кој на рочиште откри дека му пришле двајца високи воени офицери и му кажале да поднесе оставка, рано утрината за време на државниот удар, изведен на 1 февруари.

Су Чи (76) беше уапсена неколку часа пред пучот, во кој војската ги смени демократски избраните цивилни лидери во земјата и повторно ја стави земјата под воена управа.

Судството ја обвини поранешната премиерка за 11 кривични дела, вклучувајќи и кршење на законите за надворешна трговија, кршење на мерките за коронавирус, поттикнување бунт и корупција.

По државниот удар Мјанмар беше втурнат во хаос и насилство,а оттогаш војската со сила го потиснува целиот отпор.

Според проценките на организацијата за помош на затворениците ААПП, од пучот досега се убиени над 1.000 лица, а илјадници други се уапсени, пренесува ДПА.