Армијата ја презеде заштитата на објектите во Виена




Австрискиот канцелар, Себастијан Курц, синоќа соопшти дека армијата ја презема заштитата на објектите и локациите во Виена, по синоќешниот терористички напад.

За да може полицијата целосно да се концентрира на борбата против тероризмот, Владата донесе одлука армијата да ја преземе заштитата на објектите во Виена, изјави Курц.

Тој ги осуди вооружените напади во центарот на Виена како „гнасни терористички напади“. Канцеларот рече дека полицијата одлучно ќе дејствува против извршителите на овој терористички акт.

Во нападот починаа четири лица, меѓу кои и еден напаѓач. Напаѓачите на повеќе локации синоќа пукаа во луѓе низ улиците во австриската престолнина.  Засега е извесно дека најмалку 17 лица се повредени, a нападот е со терористички мотиви.