Аризона го прогласи Бајден за официјален победник на претседателските избори


Државниот секретар на Аризона, Кејти Хобс, ги потврди резултатите од гласањето и официјално го прогласи Џо Бајден за победник на претседателските избори во оваа држава. Истото денеска се очекува да го сторат и властите во сојузната држава Висконсин.


 

Со уште две официјални потврди на своето конто, демократот Џо Бајден ја бетонира победата на ноемвриските избори над актуелниот претседател, републиканецот Доналд Трамп.

-Овие избори беа спроведени точно, во транспарентни и фер услови, според законите и изборните процедури на Аризона, наспроти многубројните и неосновани тврдења за спротивното, изјави денеска Хобс.

Со официјализирањето на победата, Бајден не само што добива 11 електорски гласа од изборниот колеџ на САД, туку и демократите го зголемуваат својот број со уште еден сенатор, со победата на Марк Кели над актуелниот сенатор од Аризона, републиканката Марта Мексали. Заклетвата на Кели во Конгресот е закажана за во среда.

Во меѓувреме, Републиканската партија во Аризона го оспорува резултатот на суд. Се бара преглед на гласачките ливчиња и писмените плика, со изговор дека верификацијата на потписите не биле правилна, и дека со тоа се броеле фалсификувани гласови.