Арагчи: Доколку ЕУ воведе санкции, Иран може да набави нуклеарно оружје

1723047639-shutterstock_751165840-750x489.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Доколку Европејците повторно воведат санкции, Иран би можел да набави нуклеарно оружје, предупреди неговиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во интервју за лондонскиот весник „Гардијан“ во петокот во пресрет на разговорите со претставници на три земји кои ја критикуваат позицијата на Иран.


Франција, Германија и Велика Британија, сојузници со САД, го осудија наводниот недостаток на соработка на Иран во врска со нуклеарната енергија за време на состанокот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) минатата недела.

Како одговор, Техеран објави дека пушта во употреба „нови напредни центрифуги“ за збогатување на ураниумот потребен за неговата нуклеарна програма.

Сепак, иранските власти никогаш не ја затвориле вратата за дискусии, според медиумите.

Ајатолахот Али Хамнеи, кој е на власт од 1989 година и е последниот одлучувач за чувствителните државни прашања, забрани секаква употреба на атомско оружје со верски декрет (фатва).

„Во Иран се води дебата дека можеби тоа е лоша одлука“, рече Абас Арагчи во интервјуто објавено од британскиот дневен весник „Гардијан“.

„Ако Европејците повторно воведат санкции кон Техеран, тогаш ќе ги убедат сите во Иран дека оваа доктрина е погрешна“, посочи тој.

Официјалната новинска агенција „Ирна“ објави дека иранскиот претставник Маџид Такт-Раванчи денеска требаше да се сретне со „бројот два“ ​​во дипломатската служба на ЕУ, Енрике Моро, во Женева, пред нуклеарните преговори со Франција, Германија и Велика Британија.

За Техеран, целта на овонеделните разговори е да се избегне „двојна катастрофална“ ситуација што уште еднаш ќе доведе до „максимален притисок“ од САД заедно со притисок од Европејците, изјави политикологот Мостафа Ширмохамади.

Засега, „Иран ги нема Европејците на своја страна, поради голем број наводи, вклучително и воената поддршка на Техеран за Русија во нејзината војна против Украина“, рече Ширмохамади од Техеран.

Иран, кој категорично ги отфрла обвинувањата, се надева дека ќе ги смири работите со Европејците, додека покажува цврстина.

Иранскиот министер за надворешни работи во вторникот зборуваше за ставање во функција неколку илјади напредни центрифуги.

Арагчи, кој ги надгледуваше нуклеарните преговори меѓу неговата земја и големите сили во 2015 година, не ги прецизираше роковите.

Според портпаролот на Атомската организација на Иран, Бехруз Камалванди, тој процес би можел да потрае четири до шест месеци.

Центрифугите се машини кои го збогатуваат ураниумот претворен во гас со негово ротирање со голема брзина, што овозможува зголемување на процентот на изотопски расцеплив материјал (U-235) кој има различни намени.

Во 2015 година, Иран склучи договор во Виена со Франција, Германија, Велика Британија, Кина, Русија и САД за ограничување на својата нуклеарна програма и за возврат доби најава за намалување на меѓународните санкции против Техеран.

Но, во 2018 година, Доналд Трамп еднострано ги повлече САД од договорот до кој Техеран – според МААЕ – се придржуваше и повторно воведе тешки санкции кон Иран.

Како одмазда, Техеран значително ги зголеми резервите на збогатен материјал и го подигна прагот до 60 отсто збогатување, додека според дефиницијата на МААЕ, потребни се 90 отсто за производство на атомско оружје.

„Во овој момент немаме намера да надминеме 60 проценти“, уверува Арагчи за „Гардијан“.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја повтори својата решеност да ја спречи Исламската Република да се здобие со атомско оружје: „Ќе направам се за да ја спречам да стане нуклеарна сила“, рече тој во ТВ интервју емитувано во четвртокот вечерта.

Основите на иранската нуклеарна програма датираат од доцните 1950-ти, кога САД потпишаа договор за граѓанска соработка со тогашниот ирански водач, Шах Мохамад Реза Пахлави.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK