Аналитичар: Шојгу оди на уште повисока позиција, каде ќе оди сега Патрушев, останува да видиме

shojhu-putin5.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во екот на засилената офанзива во Украина, каде руските сили интензивно напаѓаат и напредуваат во областа Харков и во Доњецк, силно одекна веста за разрешувањето на долгогодишниот министер за одбрана Сергеј Шојгу.


Рускиот претседател Владимир Путин сосема неочекувано го разреши Сергеј Шојгу и на функцијата министер за одбрана го назначи Андреј Белоусов, поранешен вицепремиер задолжен за економија.

Путин, како што често се случува со ненадејните промени во Кремљ, не го отстрани Шојгу од номенклатурата на власта. Напротив, Шојгу ќе ја преземе функцијата секретар на рускиот Совет за безбедност, која претходно ја вршеше моќниот Николај Патрушев од кругот на најблиски соработници на Путин од почетокот на неговото доаѓање на власт.

Сенка на сомнеж и нејаснотија фрла и настанот од пред неколку недели, кога Тимур Иванов, заменик на Шојгу во Министерството за одбрана, беше уапсен под обвинение за примање поткуп.

Иванов беше еден од најдоверливите соработници на Шојгу, па се шпекулираше дека неговото апсење е предупредување за Шојгу дека му се тресе министерската фотелја.

Но, што би значело преместувањето на Шојгу на чело на Советот за безбедност, тело кое практично го надгледува целиот воено-индустриски и разузнавачки комплекс? Во Русија, која е во војна, ова не изгледа како деградација.

Ректорот на Универзитетот во Верн и геополитички аналитичар Влатко Цвртила за хрватски Н1 забележува дека Шојгу од позицијата министер за одбрана се сели на уште поважна функција и не ја смета за изненадувачка оваа кадровска промена. Оваа функција, вели тој, дава контрола врз целиот безбедносен систем, а со тоа и огромно влијание.

„Знаеме дека пред две години имаше смена на одредени генерали, знаеме и за бунтот на Вагнеровата група, а апсењето на заменикот на Шојгу најави дека некои работи во Министерството за одбрана може поинаку да се уредат. На крајот се случи. Затоа би рекол дека Шојгу не е разрешен, туку дека заминал на функција од која ќе има големо влијание врз целиот безбедносен систем“, изјави Цвртила.

Тој смета дека оваа кадровска рокада не е целосна, но изгледа дека Шојгу не е губитник во ситуацијата. На новата функција тој ќе има уште пошироки овластувања од претходно.

„Сега треба да видиме каде ќе оди Патрушев со оглед на тоа што тој беше сивата еминенција на целиот безбедносно-разузнавачки систем. Треба да видиме која ќе биде неговата нова функција, бидејќи тоа можеби ќе ни даде одговор на прашањето кој всушност е сменет во целата оваа приказна“, посочува Цвртила.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK