Алиев не исклучува културна автономија за Нагорно-Карабах




 

Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев не ја исклучува можноста за давање културна автономија на Нагорно-Карабах.

„ Постојат многу видови на самоопределување, постојат различни видови на заедници“, рече Алиев, додавајќи дека постои културна автономија, што може да се види во примерот на развиените европски земји, каде што луѓето имаат одредени права во рамките на нивните општини, во рамките на нивните заедници.

„ Како и на секое место во Азербејџан, и Ерменците кои живеат во нашата земја исто така можат да имаат такви контакти“, рече азербејџанскиот претседател во интервју за јапонската медиумска група „Никеи“, што беше прикажано денес на азербејџанскиот државен канал Аз ТВ.

Алиев додаде дека Баку никогаш нема да дозволи создавање на друга ерменска држава на територијата на Азербејџан.

Тој исто така рече дека Азербејџан никогаш нема да се согласи да одржи референдум за самоопределување на Нагорно-Карабах.

„Нема да има референдум во Нагорно-Карабах. Никогаш нема да се согласиме на тоа. Ние не се согласивме за време на преговорите и сега кога ги вративме повеќето територии, тоа не доаѓа предвид”, рече Алиев.

Тој посочи дека правото на самоопределување е важен фактор на меѓународното право, но дека не треба да го нарушува територијалниот интегритет на Азербејџан.

„Ерменците веќе постигнаа самоопределување. Тие имаат независна ерменска држава“, истакна Алијев.