Алесандро Брагонзи е нов шеф на ЕИБ за Западен Балкан


– Нов шеф на регионалното претставништво на Европската инвестициска банка (ЕИБ) за Западен Балкан е Алесандро Брагонзи, кој ја наследи функцијата од Дубравка Негре, чиј мандат заврши кон средината на овој месец.



Брагонзи е вработен во ЕИБ веќе 11 години, а на новата функција е поставен од Банката на ЕУ.

При преземањето на функцијата тој истакна дека му е огромна чест да преземе активности за регионот во момент кога се соочува со втора тешка година по ред.

Тој нагласи дека Западен Балкан е сериозно погоден од пандемијата на коронавирус, поради што е чувствителен на идните шокови.

Брагонзи истакна дека приоритет на ЕИБ е зајакнување на економскиот и здравствениот систем, како и вложување напори за одржливо и зелено закрепнување.

– Ќе настојуваме да го зголемиме вложувањето во одржлива енергија и енергетска ефикасност, одржлив транспорт, достапност до социјални и пристапни услови за домување, пристап до чиста вода, како и за помош на компаниите во најзагрозените сектори, изјави Брагонзи.

Банката на ЕУ ќе поддржи инвестиции за подобар и почист транспорт, модерна инфраструктура и посилен приватен сектор, како и за премин на зелена и дигитална економија, согласно Економско-инвестицискиот план на ЕУ.

Од 2009 година, Банката на ЕУ инвестирала 8,6 милијарди евра во регионалната инфраструктира и развој на приватниот сектор, а како што е соопштено, ЕИБ ќе продолжи да го поддржува целиот регион на пат кон закрепнување од кризата на Ковид-19, членството во ЕУ и создавање одржлив заеднички пазар.