Академска студија: Апокалиптичните стравови заради климата ги спречуваат луѓето да имаат деца


Луѓе загрижени за климатската криза одлучуваат да немаат деца поради страв дека нивните потомци ќе мораат да поминат низ климатска апокалипса. Ова ја покажа првата академска студија на оваа тема, објави Гардијан.



Истражувачите испитале 600 луѓе на возраст од 27 до 45 години, кои веќе ги зеле предвид климатските промени во нивниот репродуктивен избор и откриле дека 96 отсто од нив се многу или крајно загрижени за благосостојбата на нивните потенцијални идни деца во светот со климатски промени.

На пример, една 27-годишна жена рекла: „Чувствувам дека не можам да раѓам деца на овој свет со чиста совест и да ги принудувам да се обидат да преживеат во апокалиптични услови“.

Тие ставови се засноваат на многу песимистички проценки за влијанието на глобалното затоплување врз светот, велат истражувачите.

Еден испитаник, на пример, коментира дека тоа „ќе му конкурира на светска војна во нејзиниот ужас“.

Студијата исто така открила дека некои луѓе кои веќе биле родители изразиле жалење што имаат деца.

Да се ​​има дете, исто така, потенцијално значи дека ова лице ќе произведува емисии на јаглерод во текот на целиот свој живот, што придонесува за климатска вонредна состојба, но само 60 отсто од испитаниците биле многу загрижени за овој отпечаток на јаглерод.

„Стравувањата за јаглеродниот отпечаток од раѓање деца обично се апстрактни и воздржани“, рече Метју Шнајдер-Мајерсон од сингапурскиот колеџ Јеил-НУС, кој ја водеше студијата, и додава: „Но, стравувањата за животот на постојните или потенцијалните деца се навистина длабоки и честопати беше срцепарателно да се погледнат одговорите – многу луѓе навистина ни кажаа какви ставови имаат на душа“.

Бројот на луѓе кои ги вклучуваат климатските промени во своите репродуктивни планови како фактор, веројатно ќе се зголеми, рече Шнајдер-Мајерсон, бидејќи влијанието на глобалното затоплување станува поочигледно.

„За да се справиме со ова, навистина треба веднаш да дејствуваме за да се справиме со основната причина, а тоа се самите климатски промени“, инсистира тој.