Тамара Јованов: Во какафонијата на социјалните мрежи деновиве, потона една многу важна најава

Во какафонијата на социјалните мрежи деновиве, потона една многу важна најава: ПРИВАТИЗИРАЊЕ НА СТУДЕНТСКИТЕ ДОМОВИ и разноразни кратења на трошоци во училиштата, најавени површно, без детали (затоа што е многу веројатно да се застрашувачки)!
Еден од главните аргументи на приватизирање на јавните добра најчесто е дека државата е лош домаќин, а бизнисот ќе се труди да понуди подобра услуга, затоа што треба да е конкурентен!?
Со ова неточно тврдење, треба да се расчисти еднаш за секогаш!

Имено, доколку државата назначува стручни луѓе и професионалци, за управување со јавните добра, доколку од вработените бара резултат и умешно го применува системот на награди и казни, ќе нема никаква пречка за домаќинско работење.

За ова не е потребна квантна физика, туку само јасна политичка волја!!!
Од друга страна, претпоставката дека приватниот бизнис подобро ќе се грижи ја јавното добро во старт е контрадикторна и комплетно погрешна.

Бизнисите на пазарот поаѓаат од логиката за максимизирање на профитот. Во таа насока, можат да применуваат низа тактики за да ја остварат целта. Тие тактики не се секогаш понуда на подобар квалитет на услуга и производи за доброто на корисниците (далеку од тоа). Ако беше така, немаше да јадеме храна отруена со пестициди, немаше да носиме облека третирана со токсични хемикалии, немаше да се гушиме во пластика и неразградливо ѓубре, немаше да дишеме отровен воздух, немаше да има помор на живиот свет во реките… ју гет мај поинт.

Една од почестите тактики, особено заради послабата куповна моќ на поголемиот дел од населението е кратење на трошоци и понуда на услуги/производи со послаб квалитет, а неретко и токсични.
Исто како што на пример, Милка, Нутела и многу други, дури и за исти или повисоки цени, за нас се претпоставува дека испорачуваат шкарт во споредба со Западот (читнете извештаи на темава).
Дополнително, кога во приказната ќе влезе тендер или концесија, знаеме од искуство дека веројатноста за злоупотреби е огромна, а правилото за избор е најевтината понуда на “своите”, по принципот “едно за тебе, едно за мене”.

Исто така, со приватизирање на услугите, досега, најчесто, тоа значело ПОСКАПУВАЊЕ на услугите, а неретко и намалување на критериумите, согласно трендовските барања на потрошувачите за дипломи, оти кај нас образованието во голема мера се сведе на пазар!
Една кратка паралела, ќе ни покаже што значи ова во големата слика на настаните.
Словенија на нашите студенти, како и на нивните, им нуди БЕСПЛАТНО и квалитетно школување и комплетна поддршка во преодниот период, до интегрирање.
Не се сомневам дека наскоро и Бугарија ќе смисли креативно решение за привлекување на нашите млади кај нив, како што на пример, отворија нов универзитет во Св. Николе.
Ова значи дека, младите, дури и да не сакаат, ќе бидат приморани да ги земат предвид таквите понуди и уште позабрзано да бегаат, веднаш по завршување на средното образование, затоа што НИЕ им ги правиме условите НЕПОДНОСЛИВИ за раст, развој и живот!

Наместо младите да ни бидат приоритет, ние попрво би организирале рамковни забави и би купувале странско оружје, одошто да штедиме на непотребното, за да имаме за нив!!!
За крај, да се потсетиме дека се’ уште нема книги во училиштата, се намалува бројот на квалитетни учители, нема интерес за кариера како асистенти на факултетите, генерации на професори се пред пензионирање или се веќе пензионирани.
QUO VADIS Македонијо!?

Facebook
Twitter
LinkedIn