Проф. Ванковска: Зошто сум ЗА референдум на кој ќе гласаме со НЕ!


Зошто сум ЗА референдум на кој ќе гласаме со НЕ!

 

 

1) ПОДЕЛБИ: Уште незапочнат процесот, а (некои) Македонци веќе подготвени да го минираат и очи да им вадат на тие што не мислат како нив. Особено некои од дијаспората, но и некои кои се дел на т.н. патриотски фронт… Затоа ценам дека нештата треба да се НАЦРТААТ!!! Веќе немаме луксуз да се делиме или да не се разбираме околу ЕЛЕМЕНТАРНИ нешта! Ако досега не сфативме дека состојбата во која е Македонија е плод на нашите поделби, тогаш ова е крајно време – НОЖ ДО КОСКА! Македонија е се’ што немаме, а сега и јазикот сакаат да ни го отсечат, па дури мислата да ни ја заробат.

2) ОПЦИИ: Состојбата не треба да ја опишувам – тие лажат дека сме добиле преговори, ние знаеме дека не само што нема да се зачлениме (како Македонци) во ЕУ, туку ни востински преговори нема да почнат. На ЕУ ѝ е сеедно, таа си има свои грижи и проширувањето не ѝ е на агендата. Овој циркус со Уктаина и Молдавија (па и Македонија и Албанија) е чиста геополитика, а не интеграција. Овде освојуваат сфери на влијание и глумат геополитички актер, не дека умреле од желба да ни даваат фондови (сите пари отидоа во воениот сектор, се штеди на големо, дури и на туширање, а и доаѓа страшна зима – економска и календарска). Ваквата состојба на статус кво ѝ одговара само на оваа предавничка власт, која ќе продолжи по патот кон амбисот од пуста желба да остане каде што е и поради вазалскиот јарем кој си го ставила. Тие немаат намера да преземат одговорност, подготвуваат казнени мерки (божемен говор на омраза), пропаганда и ќе си тераат уште две години со забрзано темпо на задоволување на Софија. Состојбата ѝ одговара и на Софија (на власта) која ќе ги пстварува своите влажни соништа додека народот ѝ осиромашува. Но, ете Македонија била најромантичиот дел на нивната историја.

Значи, ние немаме друга опција освен да се бориме. Се’ друго е капитулација и немо следење на тоа што ќе ни го прават. И Фејсбук и Твитер како издувни вентили (или некој убаво рече „јорган планина“).

3) РЕФЕРЕНДУМ: тоа е облик на кој граѓаните ја остваруваат власта, облик на непосредна демократија! И ве молам, не мешајте баби и жаби – рефередумот од 1991 беше за осамостојување на државата, т.е. манифестирање на правото на самоопределување! Тој заборавете го – т.е. чувајте го како ѕвезда водилка за да се сетите зошто и како сме нашравиле независна држава. Референдумот од 2018 беше циркус и фарса, нелегален по многу основи, ама пак и неуспешен (имаме одлука на ДИК со која се констатира дека беше неуспешен и еден ден, се надевам не во далечна иднина, ова ќе биде битен факт во некоја правна постапка). Тој референдум беше консултативен – иако Уставот не познава таков, а дури и
Законот за референдум познава консултативен (тука има судир меѓу Уставот и законот) ама ПРЕД потпишување меѓународен договор. Тие го измајмунираа, МАНУ и цел рој интелектуалци му даваа легитимитет, дури и ПР фрма од Британија беше ангажирана да не’ убедува да гласаме со ДА. Нашиот неуспех не беше во референдумот, туку во тоа што по 30 септември застанавме – и дозволивме собранието да стане сточен пазар. На протестите бевме „шака луѓе“, другите си свиркаа или уживаа по кафеани.

Сега имаме можност да ја оспориме одлуката донесена од Собранието за францускиот предлог (онака како што беше дефинирана на дневниот ред на седницата и изгласана). Тој референдум треба да биде налик на оној од 2004 година: последователен и задолжителен. Овојпат иницијативата е НАША! НИЕ ќе собираме 150.000 потписи во канцелариите на ДИК за да го натераме Собранието да распише референдум. Сега и кампањата НЕ ќе ја водиме НИЕ – тие можат и шпански серии да гледаат (како своевремено Хари Костов) или да штанцаат слоган „Некои прашања не заслужуваат одговор“. Ние имаме слоган, НЕ, НЕ, НЕ за ултиматум, не за однародување, не за создавање зависен однос на државата кон друга држава и тоа за идентитетски прашања кои задираат во суверенитетот.

4) Се надевам иницијаторите ќе се искоординираат добро, убаво ќе го формулираат прашањето – и ќе го стават на гласање она што неодамна го усвои Собранието со гласовите на предавниците (и со малцински македонски гласови). Нека не ве лаже умот да одите по оние лажни пророци и дефетисти кои веќе почнаа да кукаат „ах, џабе референдум“, „не за референдум со оваа власт“, „да гласаме на рефередум и за Преспа и за Бугарскиот договор“ и сл. Не е ова конкурс и листа на желби туку сериозно правно прашање.

Бугарскиот договор од 2017 се раскинува на МНОГУ лесен начин – со упатување нота до Бугарија и раскинот настанува една година подоцна. Нема тужење, жалење, нема ништо – освен (гео)политички притисоци. Преспа е малку посложена, ама не е невозможно и со неа да се справиме. Но, за ДВЕТЕ работи ни треба НОВА власт! Власт со ПОЛН капацитет, смелост и знаење.

5) Овие што се удираат в гради и велат „НЕ за референдум“ – всушност ви кажуваат, седете си мирно, евентуално излезете на протест да мафтате со знамиња, викајте УАА влада на соццијални мрежи – или најрадикалните, велат ова се решава само на еден начин (знаете кој, ама нема маж кој ќе го каже, а камо ли кубурата да ја фати). Значи, тие бараат статус кво, пасивност и чекање од бога росица…
Референдумската иницијатива и целиот процес има правна ама и политичка димензија. МНОГУ важна, за да не спласнеме како после 30 септември. Треба да сме во кондиција, да агитираме, да мобилизираме, да убедуваме, да се обединуваме! Сега е време идеолошките разлики и недовербата во еден или во друг да ги ставиме настрана.

Дефетистите веднаш ќе скокнат „ами кај ќе најдете 900.000 гласови за да биде успешен референдумот“. Лично, многу сум горда на себе што максимално учествував во кампањата во 2004 – од држење говори на улица во Струга, до денот на гласањето и потоа. Вистина е дека не успеавме, ама барем учевме демократија, се спротивставивме на најдостоинствен начин, се растрчавме по градови и села, зборувавме не како националисти и популисти туку како вистински демократи. Не успеавме, иако имавме повеќе гласови од оние за Преспа – но цензусот не беше исполнет. Најмногу поради закани, страв, пропаганда од ЕУ и САД (кои божем ни го признаа името), и опортунизам. НО! Власта на СДСМ беше казнета многу скоро, во 2005 и не дојде на власт се’ до 2017, и тоа пак без изборна победа и со помош на странците (обоена револуција).

Штета што тие12 години не ги искористивме попаметно. Тоа е нашата вина. Инаку, овие немаше никогаш да дојдат на власт.

6) Што во случај на неуспешен референдум? Па понеуспешна држва и колонија од оваа има ли? Ни се смее и куче и маче! И што ќе изгубиме повеќе од ова ако не собереме 900.000 гласови? Ама барем ќе се пребориме, ќе создадеме огромен политички притисок, ќе ја делегитимираме власта – и кога ќе замине, не знам дали некогаш ќе може некој да му прости на СДС за сите злодела. Со браќата Албанци ќе мораме да поразговараме сериозно за тоа што е демократија, што е идентитет, што е рамноправност, што е правичност итн. И да не заборавам, според тајмингот но и тенденциите кои се веќе видливи, целиов процес коинцидира со најголемата криза во која (ќе) потоне оваа држава – од здравство до енергенси и социјала! Понеуспешна власт одамна не сме имале – затоа безброј причини да ѝ се покаже среден прст. НЕ! (иако поводот е друг, причините се бројни)
Да заклучам: секое ламентирање, кукање, оспорување на невидено, недоверба во себе, дефетизам и плачки – ќе биде доказ за СТРАШЛИВОСТ и прифаќање на капитулацијата која сегашната власт ја потпиша!