Проф. Ванковска: Зошто не ме изненадува падот на УКИМ на светските ранг листи на универзитети (овојпат за 100 места)?


Зошто не ме изненадува падот на УКИМ на светските ранг листи на универзитети (овојпат за 100 места)? Затоа што одамна сум ги изгубила илузиите дека универзитетот е место на извонредност! Да, точно е дека државата повеќе вложувала во политичкиот капитал на УКИМ и црпела од него, отколку што вложувала во вистинска наука. Факултетите се борат за елементарни услови за научна работа, не зборувам за предавања и за штанцања дипломи – зборувам за истражувања и научни достигнувања. Ќе бевме уште подолу да не беше ПМФ и уште некој од техничките факултети… и пак би рекла, поради личниот ентузијазам и саморегулација. На пример, институтот за хемија не чекал да го оправи некоја влада, туку децении наназад си сам вовел ВИСОКИ критериуми за унапредување во звања, па и за стекнување магистерски и докторски дипломи. Условот што го воведе Грујо, а за кој се крена толкава врева, тие си го имаат имплементирано многу одамна.


 

Сакам да кажам, обвинувањата и „вадењето“ на сметка на власта, лошиот менаџмент, политизацијата и малиот буџет се само ЕДНАТА страна на паричката. На другата стои човечкиот фактор, а тоа не само квалитетот на кадарот туку и желбата да се работи и тогаш кога другите одмараат или кога веќе си избран за редовен професор. Последниве децении гледам млади колеги (добро не толку баш млади, ама дваесетина години помлади од мене) кои еднаш избрани за редовни професори веќе се „пензионирале“ – никаква желба, љубов, страст за научно потврдување, комуницирање, проекти, конференции, публикации во странство, и сл.

Да скратам, отсекогаш сум мислела и сега стојам на истата позиција: институциите ги прават ЛУЃЕТО! Тоа важи и за универзитетите. Вистинската посветеност на научната работа бара многу одрекувања: да немаш работно време, ама да си постојано преокупиран со научни зафати – и кога си на одмор, и кога си на породилно или растеш деца, и кога си болен или уморен. Мислам дека за мене лично, покрај личните предиспозиции, клучна беше средбата со директорот на COPRI (Copenhagen Peace Research Institute), Хакан Виберг и неговите колеги во 1997 година. Првпат ги посетив на две недели – бев како на друга планета! На влезната врата на големата библиотека стоеше напишана порака со големи букви: BE BRILLIANT! Замислете, нивниот стандард кој самите си го поставиле гласеше БИДИ БРИЛИЈАНТЕН и ништо подолу од тоа! Во таа зграда со еден клуч се отвраа сите порти: од влезната врата, до вратата каде стоеше фотокопирот и хартијата, и библиотеката и канцеларијата на директорот! Во таа стара куќа никогаш не се гасеа светлата: секогаш некој работеше до доцна во ноќта! Не, не ги плаќаа екстра за таа прекувремена работа, ама се чувствуваше позитивен компететивен дух: еј, браво, ти ја читав статијата, ај види ја мојата, што мислиш за неа? Си ја прочитал/а ли таа статија/книга? Итн. Имаше мала добро опремена кујничка, со фрижидер, миркобранова печка, кафемат итн. Луѓето минуваа добар дел од животот таму, без никој да ги надгледува или принудува. Кога ќе се сретнеа во кујната зборуваа за наука, за настани, и не остануваа со саати на муабет. Јас таму научив што е вркохолизам – и не зажалив, бидејќи многу си ја сакам работата! Да, тие беа истражувачки институт и немаа студенти, јас не знам колку предмети морам веќе да предавам (прв, втор, трет циклус) – но сепак, се’ уште наоѓам огромна сатисфакција во работата за која не ме плаќаат.

Ова излезе подолго од планираното… А можев да си ја постирам одново колумната за оние што градат кариера до Табановце, кои не знаат ни еден странски јазик, кои сами себе се цитираат и многу често плагираат… Дел од работите можат да бидат МНОГУ подобри со вредни и посветени кадри, за другиот дел е потребно системско решение и свест дека парите вложени во науката не се фрлени, туку се инвестиција за напредок на општеството.
Се’ е во колапс, зошто УКИМ би бил поинаков? Нам ни е потребно едно огромно огледало во кое ќе се видиме какви што сме: мали, безначајни, поангажирани на НВО проекти отколку на научни, едвај некој да не’ цитира или регистрира дека постоиме…