
Од моментот кога Заев кажа дека без оглед на резултатите од пописот, Уставот гарантирал стекнати права, т.е. немало ништо да се смени доколку некоја група е под 20 проценти – тоа беше јасен знак до каде е подготвен да оди. До тотална девалвација на уставните норми, па и на Рамковниот договор. Секако, појаки ќе му бидат „аргументите“ доколку за секој случај пописот биде наштиман. А наштиман попис ниту ќе има легитимитет, ниту ќе има практична вредност (т.е. вредност каква што пописите имаат во секоја нормална држава – за планирање на развојот и јавните политики). Македонија ниту равзојни перспективи има ниту рационални јавни политики, а и луѓе ќе немеТ.
Ни Македонци, ни Албанци – освен на хартија.
Демакедонизацијата е долгорочен процес, т.е. процес кој е започнат одамна, сега само се заокружува. Постепено, со политики кои божем немаат врска со националните интереси и идентитетот, ами чекор по чекор го бришат и релативизираат до непрепознатливост. Од коси црти ///, до реорганизација на Филолошкиот факултет (никој не се буни за автономијата на универзитетот! Чудно, нели?), па се’ до реформата на основното образование. Ова последното е најважниот клинец во ковчегот на Македонија – бидејќи систематски, низ образовен систем, низ генерации, тивко ќе врши идентитетски и културен геноцид. Македонизмот станува забранет, и ќе се практикува во илегала, во семејни кругови, тивко и со шепотење, како во некои дамнешни времиња кога не постоела македонска држава.