Проф. Груевска: За Толковниот речник


Толковен речник претставува еднојазичен речник во кој се толкуваат значењата на зборовите на еден јазик. Вакви речници се прават со децении. На пр., познатиот Американски речник на англискиот јазик од Вебстер бил напишан за 22 години и објавен во два тома во 1828, а потоа преобјавен во еден том во 1847.


 

Второто издание од 1934 била најголемата книга во тогашното американско издаваштво на речиси 3300 страници. Аса Бејкер, пишувајќи му писмо на главниот уредник на второто издание, Томас Кнот, направил статистичка анализа дека за таков речник се потребни 588 000 часови работа, односно со 8 часови дневно, 40 часови неделно, 2000 часови годишно за еден човек, потребно му е 294 години за да го заврши речникот. Секако, во тоа време немало компјутери. Ова го пишувам за да се има претстава колку време треба за да се напише еден речник и дека тоа е работа за поголем тим обучени лексикографи.

По осамостојувањето на Украина, на пр., беа дадени 1 милион евра за изработка на Толковен речник на украинскиот јазик, кој веднаш беше достапен и во дигитална форма. Се знае, колку пари, толку музика!
Македонскиот јазик како подоцна кодифициран, мораше да фаќа чекор и забрзано да се работи на Речникот, но, за жал, со години остана на Тритомниот речник со српскохрватски толкувања кој не е еднојазичен и кој неколкупати фототипно се преиздаваше без ниту една измена. Во Институтот со години се работеше само на ексцерпција на материјал за картотеката за Толковниот речник, но не и на обработка. За чудо, се работеше повеќе на потпроектот Речник на македонската народна поезија, од кој се излезени 4 томови и тука застана. За причините зошто не се работел Толковниот речник немам официјални и проверени информации.
Од 2000 се формираше нов тим и се почна со работа, иако со многу големи проблеми. Првиот том излезе веќе во 2003 на речиси 640 страници со менување на методологијата за работа до пред печатење, поради што имаше многу технички пропусти. Главниот редактор, проф. д-р Кирил Конески, кој ја напиша и методологијата, постојано предупредуваше дека Речникот треба целиот да се заврши, па да се објави, зашто вака ќе има многу недоследности, но поради притисокот од јавноста, не се постапи така.
Сакам да укажам на фактот дека оваа генерација лингвисти, главно магистри тогаш, со докторски дисертации што им висеа над глава, не беше ниту обучена ниту одговорна за тоа зошто дотогаш не се работел Речникот.

Проблемите се провлекуваа, во голема мера и поради лошото раководење и лошите меѓучовечки односи, и некои се откажаа од работата на Проектот (меѓу кои сум и јас). Во 2014 г. излезе последниот, шести том на Речникот, за кој се доби и наградата „Гоце Делчев“. Тоа значи дека Толковниот речник од речиси 100.000 зборови во 6 тома се објави од 2003 до 2014, односно за само 11 години. Се разбира, не може да се зборува за висок квалитет во ваков случај.

Во 2021 година, Владата изрази желба да направи дигитално издание. За премногу кусо време, авторите ги направија потребните корекции и материјалот беше предаден на 23.4.2021 и потоа за само десетина денови се објави во дигитална верзија со катастрофален квалитет. Многу повторувања, грешки, лош пристап итн. што повторно не е за чудење зашто за толку кусо време тоа е и очекувано.

Но, она што зачудува уште повеќе е фактот што беше дочекан со страшни реакции во врска со одредени зборови од кои некои се нашле повредени. Не навлегувам во тоа како биле објаснети, за тоа си одговараат авторите и Редакцијата, но на сите такви зборови стои ознака дека се со вулгарно или погрдно значење, како што е и вообичаено во светската практика. Во сите речници на сите јазици стојат сите зборови на даден јазик (колку што е можно), но со определени ознаки, каде што има потреба.

Ваква постапка на цензура од страна на една Влада е за мене нечуена и скандалозна. Политичари да одредуваат кои зборови треба да стојат во еден речник! Уште повеќе зачудува сервилноста на Редакцијата на Толковниот речник којашто се согласила на тоа и молкот на останатите колеги! Се срамам од нив!