Проф. Дејан Трајковски: Затоа епидемијата ќе ја завршиме како што ја започнавме: несериозно, неодговорно и трагично


Обидот на здравствените власти за тестирање на учениците на корона вирус секако е за поздравување, но тоа сепак ќе остане само обид, а резултатите ќе бидат далеку од реалните.


 

Добро е познато како се прави тестирање на репрезентативен примерок од општата популација, преку случаен избор, односно со генератор или таблица на случајни броеви. Без никакви исклучоци! Некакво барање согласност го нарушува принципот на случајност и резултатите ги прави пристрасни, односно искривени и неточни.

Разочарувачки е што 60% од родителите не даваат согласност за тестирање на своите деца, иако се работи за неинвазивна, безболна и нештетна постапка, за чисто истражувачки цели. Од каде ли доаѓа овој презир кон науката и општо кон здравиот разум? Кратко и јасно – од ниското ниво на образование. Во една цивилизирана земја, на пример Германија, сите ученици се тестираат три пати неделно и никому не му паднало на памет тоа да го оспорува или да го саботира процесот со давање некаква согласност.

Нешто што е научно не може да се доведува во прашање поради неписменост, па така и оваа кампања за тестирање може да ни послужи како индикатор до каде сме стигнале со писменоста. ПИСА тестирањето веќе ни докажа: 73% од средношколците се функционално неписмени барем по еден од трите предмети по кои се врши тестирање (читање со разбирање, математика и природни науки), додека 55% се тотално функционално неписмени по сите три предмети. Тоа се генерации родени и образовани во самостојна Македонија, па резултатите се огледало и на нашиот неуспех како држава и општество.

Родителите на децата кои одбиваат тестирање се млади луѓе, образовани исто така во овој дефектен образовен систем. Затоа 60% од нив имаат таков искривен и непријателски став кон науката. Тие воспитуваат генерации на идни антиваксери, од кои допрва ќе гледаме мака во наредните години и децении. Затоа денеска имаме повеќе вакцинирани пензионери, отколку луѓе во средни години.

Да се вратиме на самиот скрининг на учениците. Споменатте 60% родители кои не дозволуваат тестирање на своите деца поради ненаучен поглед на светот се истите оние кои не веруваат ни во корона вирусот, ни во вакцините. Како такви, тие и нивните деца се повеќе склони кон неодговорно однесување во време на епидемија и имаат поголеми шанси за заразување и пренос на заразата. Понатаму, со самото тоа што нема да бидат тестирани, резултатите ќе бидат пристрасни, односно ќе дадат понизок процент на инфицирани. Статистички зборувајќи, неписменоста и одбивањето тестирање е таканаречен конфаундинг фактор: истовремено влијае на примерокот и на резултатите од скринингот, односно дава лажни резултати.

Затоа, владата и здравствените власти слободно можат резултатите од тестирањето да ги фрлат како пристрасни, искривени и неупотребливи. Иако намерата им беше најдобронамерна, кај овој народ тоа не поминува. Овој народ е во состојба да онеспособи и најдобра идеја, не само со скринингот.

Затоа епидемијата ќе ја завршиме како што ја започнавме: несериозно, неодговорно и трагично, прворангирани во светот според одвишна смртност на милион жители. Со 55% тотално функционално неписмени луѓе резултатот е таков како што е и не може да биде поинаков.