Проф д-р Весна Јаневска: На Кембриџ мана му наоѓавте, не бил прилагоден на наши потреби. Ова прилагодено е?


По паузата достојна за да се искаже почит, поттикната од секојдневието, свесно одлучив дека мора да се работи.


 

Дозволете да дискутираме неколку пoврзани теми.

1. Учебник по Македонски јазик за четврто одделение:
Лекцијата, или приказната се вика “Несреќен ден“. Накратко братот и таткото и’ велат на Мица да бега и да се крие затоа што мама била во лошо расположение и била на крај на нервите. Понатаму тие двајцата “бегаат“ по некоја работа, а Мица ја оставаат сама во куќата. Детето наизменично си повторува дека можеби не е толку лошо или дека и треба помош!

Одот на мајката означувал: Многу сум лошо расположена и ЌЕ ГО УНИШТАМ СЕКОЈ ШТО ЌЕ МИ СЕ НАЈДЕ НА ПАТ.
Потоа мајката и’ вика на Мица и ја кара заради безначајни нешта, дали го користела нејзиниот шампон, па дали си играла со часовникот, па дали се ПЛЕТКАЛА во НЕЈЗИНАТА спална соба….

Мајката е всушност нервозна затоа што се’ сама прави во куќата и треба да се грижи за алармот, шампонот, за тоа што ги скиналата хеланките, го истурила млекото и за тоа дека ТАТКОТО ИЗЛЕГОЛ СО СИНОТ ТОКМУ ТОГАШ КОГА ТАА САКАЛА ДА ГО ЗЕМЕ АВТОМОБИЛОТ ЗА ДА ОДИ НА ФРИЗЕР……………..

При крај на приказната Мица решава да стори се’ за да ја орасположи мама и веќе не се плаши и се орасположува самата.

Со задебелени букви е означено размислувањето на Мица дека кога мама и тато се нервозни децата мора да трпат. Но, кога децата се нервозни велат дека се непослушни и лоши. Типично за возрасните, заклучува Мица.

Јас, пак неука и конзервативана, неосвестена и несовремена жена мислев дека моите деца во ниту еден момент не треба да ме доживеат како некој, кој затоа штое е нервозен ќе уништи се пред себе. Се’, па дури и сопствените деца, кои треба да се кријат од мене и тоа затоа што треба да го наместам алармнот, да купам шампон и да одам на фризер?

Јас пак мислев дека никаков проблем не се’ овие домошни ситници заедно со фризерот да ги сработам и тоа во пауза од другите мои обврски. Ми помагаа, или поточно, си ги завршуваа своите обврски, секогаш кога можеа и кој можеше.

Не дека вакви ситуации не постојат, не дека во некои семејства и не се ретки, мислам на нервозите, па и расправиите, ама оваа приказна во учебник да влезе како “Несреќен ден“, чудно, зарем не?

Која е поуката? Типично е за родителите да си ги малтретираат децата кога се нервозни, а тие да трпат.

Не благодарам. Не ми е јасно по кој критериум пак авторката Јасмина Делчева Диздаревиќ ја одбрала. Прашувам да ли е тоа по препораката на Министерката за потенцирање на родовата еднаквост? Каде е во оваа странска приказна македонското?

Каде е сочуството, каде е прегратката на ќерката која со љубов те прашува: “Мамо што ти е? Кој те изнервира“? Седи, ќе те измасирам. Мама, не се секирај, јас многу те сакам. Тато мама е тажна. Да и направиме кафе. Мама ти одмори, јас и тато ќе направиме вечера, ние ќе пазариме и ние ќе ја средиме куќата.

Ееееј, Јасминка и вакви семејства постојат, за вакви односи треба децата да учат.

На авторката Бел Муни, чија што е приказната (дел од “Зошто баш јас“) нема што да и се замери. Таа пишува, деца ги читаат и се пронаоѓаат во нејзините приказни. Немам ништо против и нашите деца да ги читаат, како лектира, некаков материјал за кој ќе се дискутира, ама во учебник како модел на однесување и полова еднаквост покажување? Сами просудете.

2. Инаку драги автори на овие учебници, во кои насилно, невкусно, препотенцирано до граници на иритација ја туркате родовата еднаквост, би сакала да ве потсетам дека на овие простори се што е натурено корен не фаќа. Толеранција и рамноправност не се учат и вкоренуваат по нарачка.
На Кембриџ мана му наоѓавте, не бил прилагоден на наши потреби. Ова прилагодено е?

3. На крај, колку мене ми е познато во Македонија е несреќен ден кога ќе почине близок, кога таткото ја тепа мајката, кога едниот родител пијан се валка по земја, кога децата немаат леб да јадат, кога мајката ќе соопшти дека ја избркале од работа, кога ќе го убијат братучедот, а судијата ќе го ослободи убиецот до повторно судење, кога Петко има компјутер, а Митре не, кога таткото ти донел дома црно бели фотокопии од учебници а на Мица во боја …………..

Професорке Јасминка, не е несреќен денот кога јас сум нервозна, несреќен е кога децата се плашат од мене и викаат ПОМОШ!

#УчебникЗаЕденМесецНеСеПишува

#НемаПотребаДиректориПотписиДаСобираатЗаДаКажатДекаУчебникотЕДобар