Проф. Цицонков: Загаденост на воздухот и промашен урбанизам на градот Скопје

Деновиве загаденоста на воздухот со ПМ честички во Скопје е многу голема, често пати се наоѓаме меѓу првите пет најзагадени градови во светот. Тоа има катострофални последици врз здравјето на граѓаните. Болниците за белодробни болести се преполни, особено детската болница во Козле која има потреба од двојно поголем капацитет за прием на пациенти.

За време на новогодишните празници гледам на тв вести многу народ на Водно и сите изјавуваат дека дошле на чист воздух бегајќи од загаденоста во градот. Ех, на времето ние одевме на Водно за рекреација и забава, а не да бегаме од нешто. Овој проблем го имаме во секоја зима, трае повеќе години иако секоја новодојдена власт ветува дека ќе го реши проблемот.

Главна причина за аерозагадувањето е греењето со дрва и некои отпадни материјали, но и сообраќајот, некои индустриски објекти, опкружувањето на градот со планини, а не мало учество има и масовната изградба на големи згради кои го попречуваат струењето на воздухот. Како дојдовме до оваа состојба?

Јас сум роден во 1950 година така што сум сведок на животот и развојот на градот Скопје. До 1979 година живеев во населбата Пролет, а потоа во Тафталиџе. Како дете се сеќавам дека скоро сите домаќинства како огрев користеа ќумур и малку дрва само за потпалување. Но за големо загадување на воздухот во тоа време не се зборуваше, веројатно го немаше. До катастрофалниот земјотрес (1963 г.) Скопје имаше околу 170 илјади жители, а денес има околу 550 илјади. Имаше многу малку големи згради и имаше сигурно поголемо струење на воздухот отколку денес. Населбата Пролет може да биде лекција за денешниве урбанисти иако е стара 75 години. Пристојно растојание меѓу зградите, зеленило околу нив, детско игралиште од околу 5.000 м2 со разни содржини, безбедно место за игри на децата, …

Изградбата на градот по земјотресот речиси почна од нула и тоа беше шанса за урбанистите (и политичарите) да направат планови за изградба на улици, згради и индустриски зони за одвивање на животот како од учебници за урбанизам. Но како што одминуваа годините се направија огромни грешки во водењето на политиката, економијата, образованието итн. Најголемата грешка беше што најмногу индустриски објекти и разни други претпријатија се отворија во Скопје па се јави голема миграција од целата земја кон Скопје. Се случува(ше) огромна експанзија на градот така што целокупната инфрастуктура не може(ше) успешно да се прилагоди на овие промени. Тоа се однесува во сите сфери на живеењето: комуналните услуги, сообраќајот, здравството, хигиената итн. Денес, вообичаени се глетки на прекопување на улиците заради дополнување на комуналната инфраструктура (водовод, канализација, електрична мрежа, топлификација и др.) за да се задоволат потребите на новоизградените големи згради.

Но проблемите со урбанистичкото (не)планирање почнаа уште повеќе да се зголемуваат по приватизацијата и формирањето на нови градежни фирми. За потребите на својот бизнис тие се борат да дојдат до атрактивни локации, најчесто во центар, дел од Водно, Карпош и Аеродром. Инсистираат зградите да бидат со што повеќе станови за да имаат поголем профит. Секој празен простор со зеленило е потенцијална локација за нова градба. Во овој урбанистички хаос се вмешани и органи на власта, инспекции и др. На големо се употребува изразот “урбана мафија“. Не мнозинството, туку 100% од граѓаните се против оваа градежна експанзија. Мора да се промени досегашниот систем на “божемни“ анкети на жителите за урбанистичките планови, а соопштенија или покани за анкети да се испраќаат до секоја адреса во соодветната населба и тоа преку електронска пошта, или да се објавуваат на неколку најпосетувани веб портали. Исто така, предлагам веднаш да се стопира донесување на нови и дополнувања на урбанистички планови за градот Скопје и општините во него, се’ додека не се направат коренити промени во оваа област. Треба да се направи нова стратегија за градот Скопје, но не за градежен развој, туку за содржини важни за животот на скопјани од повеќе аспекти.

Последниве две години никнаа неколку нови згради помеѓу бул. Илинден и реката Вардар, становите одат како алва. А најновата зграда со моментално изградена карабина има веројатно околу 200 стана и е залепена до т.н. “Адреналински парк“ на самиот кеј. Една од овие згради се наоѓа точно на местото на поранешната кафеана “Имес“, а во нејзиното приземје има кафе-бар каде што често пијам кафе при прошетките на кејот на Вардар. Пијам кафе и се присетувам на далечната 1956 година. Татко ми стана ортак со чичко Перо Станојевиќ, беа познати мајстори на чевларскиот занает. Работеа извесно време во дуќанот на ќошот спроти МАНУ (тогаш не беше изградена). Еднаш, во недела татко ме зеде со него за да одиме на гости дома кај чичко Перо. Одевме пешки од нас. Пролет до градскиот парк, до Езерце каде што беше почетната станица на малото вовче теснолинејка. Се возевме во отворен вагон. По некое време возот застана, кондуктерот излезе надвор и гласно го извика името на постојката: КАНАЛ! Се симнавме со татко ми, а околу само ниви, и на растојание од околу 100 м имаше мала куќа, онаа на чичко Перо. Денес пијам кафе точно на тоа место, на железничката постојка Канал, а околу е веќе бетонска џунгла.

Facebook
Twitter
LinkedIn