Проф. Цицонков: Какво сопствено “ПАРНО“?

Во јавните медиуми често експлоатирана тема е системот за топлификација на градот Скопје, најчесто наречено “парно“ (а не е парно греење). Се поставуваат дилеми дали ќе има природен гас за работа на топланите, или тие ќе работат на нафта или на мазут, итн. На системите за топлификација на градот Скопје се поврзани околу 55 илјади домаќинства, односно околу 150 до 200 илјади граѓани. Тоа е приближно 10% од населението во Република Македонија, а што станува со останатото население? Како се грејат тие, какви опции имаат, имаат ли проблеми и какви се тие?

Денес ќе се осврнам на оние корисници што живеат во индивидуални стамбени објекти (куќи). Ако не се во можност да бидат приклучени на топлификација, имаат релативно широк избор: да се грејат на дрва, пелети (и тие се од дрво) или на електрична енергија, а греење на нафта се отфрлува од повеќе причини. И природниот гас не е реална опција бидејќи нема дистрибуциона цевководна мрежа до потенцијалните потрошувачи.

За сите овие начини на греење може многу да се зборува зависно од кој аспект се гледаат работите. Затоа, понатаму ќе се задржам само на корисниците што имаат или планираат да инсталираат сопствено централно греење, а скоро сите го викаат сопствено парно.

Во минатото, тој систем се правеше со котел на ел. струја или нафта во кој се загрева топла вода (не пареа) која преку цевководен систем со помош на пумпа циркулира низ радијатори. Овие системи беа правени пред неколку децении кога цените на енергенсите и на ел. енергија беа релативно ниски. Заради високите цени денес, претпоставувам дека голем број од овие корисници се откажале од овие системи и се снаоѓаат со некое алтернативно решение, или планираат некоја реконструкција во зависност од информациите што ги дознале. Но пред да преземат интрвенции за реконструкција на системот за греење, моја силна препорака е првин да ја зголемат енергетската ефикасност на куќата со ставање на топлинска изолација на сите прегради (ѕидови и др.) и со замена на надворешните прозорци и врати со нови кои имаат многу подобри топлински карактеристики. За оние корисници што планираат да градат нова куќа денес или во блиска иднина важи истата препорака во врска со зголемување на енергетската ефикасност со што се намалува потребата од енергија (капацитетот за греење и ладење).

Доаѓаме до главното прашање, каков систем на сопствено централно греење да се направи денес? Решението е во инсталирање на топлински пумпи. Принципот на работа на топлинската пумпа е следниов: се одзема топлина од околината (надворешен воздух, вода, земја), со помош на мотор-компресор се подигнува температурното ниво и топлината се предава во просторијата (или системот) за греење. Притоа, се троши електрична енергија во мотор-компресорот.

Наједноставна тплинска пумпа што граѓаните веќе ја знаат е клима уредот при што надворешниот дел одзема топлина од воздухот, а внатрешниот дел предава топлина за греење на просторијата. Ова е т.н. топлинска пумпа воздух-воздух, односно инвертер клима уред. Постојат разни опции кај овој тип: една надворешна (заедничка) единица и две или повеќе внатрешни единици (за повеќе простории).

Во последно време многу применливо решение е топлинската пумпа воздух-вода. Кај неа, се одзема топлина од надворешниот воздух, а во внатрешниот дел се загрева вода која со помош на пумпа циркулира во цевководен систем до грејни тела, а тие можат да бидат: вентилаторски конвектори (т.н. фенкоил апарати), цевни змии (при подно греење), радијатори класични и цевни регистри – пешкирачи. Кај овие топлински пумпи водата се загрева до 45 оС, а кај подното греење до 35 оС. Кај овие системи составен дел е и можноста за добивање на санитарна топла вода. А во летниот период може да се стави во режим на ладење при што со помош на вентилаторските конвектори се врши ладење на воздухот во просториите (климатизација). Значи, нема потреба од додатни клима уреди за ладење како на пример кога имате друг тип на систем за греење.

Дигиталната технологија денес е навлезена во разни системи, а таков е случајот и со топлинските пумпи. Составен дел на централното греење со топлинска пумпа е дигиталниот контролер кој има голем број опции: сетирање на саканата температура, програмирање на разни температури во текот на денот, далечинска контрола (од друга локација) преку интернет итн. Со дигиталната регулација има можност за штедење на енергија и истовремено се овозможува бараниот комфор.

Системот на централно греење со топлинска пумпа воздух-вода има повисока цена како почетна инвестиција во споредба со останатите решенија. Но ако се земе предвид помалата потрошувачка на енергија, разликата во цените се намалува заради заштедената енергија во текот на времето. Има и една друга компонента во споредбата, а тоа се многу добрите комфорни услови што ги овозможуваат овие системи. И нема потреба од купување на додатни клима уреди за ладење.

Топлинските пумпи трошат 4 до 5 пати помалку електрична енергија во споредба со електричните греалки (панелки) и термоакомулационите печки во кои има електроотпорни грејачи. Според Меѓународната агенција за енергија (со седиште во Париз), системите за греење со топлински пумпи ќе бидат најзастапени во периодот што доаѓа, под претпоставка дека во нив се троши електрична енергија добиена од обновливи извори.

Во јавноста кај нас се создава погрешна перцепција дека природниот гас е еколошко гориво. Тоа е многу погрешно бидејќи природниот гас е фосилно гориво така што при неговото согорување се ослободува јаглерод-диоксид (СО2), а емисиите на СО2 се главните “виновници“ за климатските промени. Во некои понапредни земји донесена е забрана за користење на природниот гас за греење во новите згради по 2025 или 2030 година.

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор

Машински факултет – Скопје

13.12.2022

Facebook
Twitter
LinkedIn