Проф. Ачкоска: Зборникот на Миладиновци – „Бугарски народни песни“


Зборникот на Миладиновци – „Бугарски народни песни“ (отпечатен во Загреб на 24 јуни 1861) содржи 584 песни од разни краишта на Македонија (Струга, Охрид, Битола, Прилеп, Велес, Дебар, Кукуш, Костур и др.), кон кои непосредно пред објавувањето се приклучени 76 бугарски песни од Софија и од Панаѓуриште заради оправдување на насловот што го носи. Всушност, тој претставува најизразит пример на туѓо именување на сосема друга содржина и се употребува од страна на Бугарија како „крунски сведок“ за бугарскиот народносен произнес на македонскиот народ. За ова проф. д-р Златко Крамариќ ќе запише: „Токму името/насловот на тој Зборник произведува цела серија недоразбирања, затоа што она што следува зад тоа име/наслов/потпис воопшто не одговара на неговата содржина…


 

Соочени сме со парадокс: некој ставил потпис на нешто што во најголема мера не кореспондира со она што всушност се потпишува (тоа биле самите автори на Зборникот или тогашните меѓународни политички односи, но токму тоа „туѓо“ име можеби се вклопувало во „постилирската“/јужнословенска политичко-културна визија на бискупот Ј.Ј. Штросмаер, па авторите, по негов наговор, се согласиле “Зборникот“ да го именуваат со „туѓо“ име)“ (Идентитет, текст, нација, интерпретации на црнилата на македонскта историја, Скопје 2010, 13). Сепак да се заблагодариме на поклонот на оригиналите од Бугарија. Науката точно знае зошто е така крстен. Останува само дарителите да не се каат подоцна како за моштите на Делчев.