Мери Јордановска: Ок, додека трае набиенава агенда, нека постојат прашањава вака…


Ок, додека трае набиенава агенда, нека постојат прашањава вака, оти нели, ние прашуваме за да си ги лепиме одговорите на фрижидер, не е тоа ради граѓаните, таман работа.



Прашање 1:
Како сум заштитена од Ковид-19 ако седам во кафана без маска, јадам и пијам во затворен простор, а ставам маска кога ќе ја напуштам кафаната? Истото прашање важи и за теретана, на пример.

Прашање 2:
Имате ли било какво образложение, зошто сме на 18-то место во светот според смртност од Ковид-19, а сме на прво место во регионот?
Прашање 3:
Битни кадри од Инфективната клиника во Скопје дадоа откази и си заминаа… Зошто, какви образложенија ви дадоа луѓето кои посветија децении во клиниката?
Прашање 4:
Чувството дека ги набедувате луѓето дека се одговорни за сето ова што се случува е неизбежно. Чувствувате ли вие некаква одговорност, освен онаа што ја префрлате на граѓаните?
Прашање 5:
Каде се тестираа вашите сопартијци за Ковид-19? Платија приватно или одеа преку ред, со оглед на тоа што се чека по минимум 8 дена за тестирање преку Мој термин?
Прашање 6:
Што точно мислите кога велите дека луѓето доцна се јавуваат на доктор, па затоа последиците од Ковид-19 се смртоносни? Кога треба да се јават и каде? Колкава температура треба да качат, какви симптоми треба да имаат за да дојдат во болница?
Прашање 7:
Набавивте брзи тестови за Ковид-19, а првиот слободен термин за тестирање е 10 ноември. Тестовите се можеби брзи, но термините очигледно не. Зошто не се решите да ги вклучите приватните лаборатории да вршат тестирања кои ќе ги покрива Фондот?
Прашање 8:
Како носењето маски на отворено ќе го спречи ширењето на вирусот?
Прашање 9:
Молиме за детална статистика – колку лица во 2020 починале како последица на срцев удар, мозочен удар, сите одделни видови на канцер, односно молиме за статистика за причините за морталитетот во 2020 година, споредбено со 2019.
Прашање 10:
Зошто не се врши обдукција на лицата за кои велите дека починале како последица на коронавирусот?
Прашање 11:
Ако на најголем „удар“ се лицата со хронични болести и повозрасните категории граѓани, што правите вие за да ги заштитите истите?
Прашање 12:
Зошто не набавите бесплатни маски за ранливите категории граѓани?
Прашање 13:
Зошто лица кои загинале во сообраќајни несреќи, извршиле самоубиство и сл., а биле позитивни на Ковид -19, ги водите како починати како последица на коронавирусот?
Прашање 14:
Зошто нема термин да се закаже тестирање на државна сметка, а во секое време граѓаните можат да се тестираат на истото место, во ИЈЗ, ако платат приватно, 1850 денари?