Ивор Мицковски: Не само околу вакцините, околу ништо нема живот без ризик


Гледам многу се шири веста дека доктор некаде починал после вакцината.



Еве нека починал и поради вакцината.

Досега се вакцинираа низ светот преку 20-тина милиони луѓе, еден или неколку починале, ќе починале многу повеќе меѓу вакцираните, да не се вакцинирале.

Потоа тука е поважниот аспект од прашањето, а тоа е дека отсуството на ризик, во што и да е, не постои, никогаш не постоело, никогаш нема да постои.

Не само околу вакцините, околу ништо нема живот без ризик, било тоа во љубов, пешачење, патување, станување од кревет, преминување улица, идење до продавница, спортување, водење љубов, дури нема нула ризик ни за време на спиење, може удри земјотрес, или некој не задуши од гушкање.

Проблемот е што човештвото до многу скоро беше апсолутно свесно за овој животен факт, дека нема живот без ризик.

Цела човечка историја е поплочена со обиди како да се намали ризикот, тој да се минимизира, но тоа како кај некои луѓе да создало заблуда дека ризикот повеќе не постои.

Ниеден сериозен доктор нема да ви каже дека вакцинацијата е тотално без ризик, наместо тоа размислувајте за реалниот ризик да останеме без доволно вакцини.

Докторот што починал тоа сигурно го знаел, затоа и одбрал да го прифати ризикот кој е неизбежен и да се вакцинира.