Илија Димовски: Ни треба револуција на умот и љубов кон татковината


Фантазиите и фикциите на политичката владејачка елита во Македонија во односите со Бугарија…
Ни треба нова надворешна политика, нова доктрина и нова филозофија!
Ќе станеме дел од Европа само со ум и памет, а сега тоа го немаме.
➡️ Фантазија број 1.
После изборите во Бугарија, ќе се реши проблемот со попустливост на Бугарија.
Не се надевајте!
Не, ништо нема да се промени после изборите во Бугарија од најмалку три причини:
– Таму (а не како ваму кога оваа Влада дојде на власт), а и секаде во сериозни држави, прашањата од висок државен и национален интерес не се прашања за кои било која сериозна политичка партија лаже, излажала или ќе излаже. Тоа што ќе го кажат пред избори, во подипломатска верзија ќе биде и став после изборите.
– Петте најсилни групации во Бугарија (ГЕРБ, БСП, ДПС, ВМРО и новата политичка групација на Трифунов) имаат слични позиции кон Македонија. Нема никаква суштинска разлика.
– И евентуална Влада на сега опозиционите БСП, ДПС и Трифунов ќе е иста, ако не и повеќе остра во односите со Македонија.
➡️ Фантазија број 2.
Ќе дојде политичка елита која ќе биде попустлива по однос на европските прашања.
Не се надевајте!
Не, националните прашања и интереси на Бугарија (а и на секоја друга европска држава) се примарни за Бугарија и се над општите европски интереси и вредности.
Бугарија не ги гледа и никогаш нема да ги постави спротивно општите европски интереси со своите национални. Таа за себе самата мисли дека бугарските интереси се составен дел на европските интереси. Таа ги создава европските интереси.
Левицата во Бугарија не е анационална и попустлива за државните и националните интереси како во Македонија.
Левицата во Бугарија е патриотска исто како и десницата, исто и како политичкиот центар.
Аналогија со Македонија нема. Таму нема никогаш да дојде на власт партија како СДСМ и да раздава она за што Бугарија мисли дека и е значајно.
➡️ Фантазија број 3.
Ќе ги притиснат странците и ќе попушти Бугарија.
Не се надевајте!
Не, странците никогаш не притискаат еднострано, туку двострано.
Странците повеќе притискаат кон помалиот, меѓународно помалку важниот и оној субјект за кој ќе проценат дека полесно би попуштил. За сите три критериуми Македонија е далеку посериозен кандидат за притисок од меѓународната заедница.
Помали сме.
Помалку важни сме и како членови на меѓународни организации, и како геостратешки положба (Црно Море, Украина, Турција, Кавказ,..), и како пазар, и како база за воени приоритети…
Нашата историја на попуштање е фатална… Име сменивме, устав сменивме, знаме сменивме, идентитет сменивме, трговски марки, имиња на државни институции, топонимија сменивме, регистарски таблици сменивме,… Едноставно покажавме дека сме тесто за месење…
Нас ќе не притискаат, државата треба да биде спремна…
➡️ Фантазија број 4.
Времето работи за нас.
Не, не се надевајте!
Најлошата политичка проценка на Македонија во минатите 30 години. Посебно од аспект дека се работи за преговори за наши интереси и прашања, од нас се бараат отстапки и и попуштање и се работи за нашата иднина…
Бугарија нема што да изгуби, Бугарија се бори да добие нешто што не го доби во двете балкански војни и во двете светски војни, а даде десетици и десетици илјади жртви за истите интереси…
Бугарија се помири со Грција и грчкото право над егејска Македонија, но Бугарија не се помири со Македонија и македонското право над Република Македонија…
➡️ Фантазија број 5.
Историјата да ја оставиме на историчарите.
Не се надевајте!
Не, целиот проблем со Бугарија е историски и историјата е основна суштина на политичкиот проблем со Бугарија.
Другите проблеми (економски, стопански, трговски, транспортни, културни,…) се само гола последица на основниот политички (во суштина историски) проблем.
Борбата на Бугарија е да го добие и да полага историско право над Македонија (Горна Македонија од времето на Филип, или Makedonia secundus од римско време) по истиот пример што нашата анародна власт им го даде и отстапи историското, културно и идентитетско право над Македонија (Долна Македонија од време на Филип, или Makedonia primus од римско време) со Преспанскиот договор на Грција.
Бугарија го бара истото што го доби Грција!
➡️ Фантазија број 6.
Попуштивме за името, тоа е големата цена што веќе ја плативме, сега треба да ни излезат во пресрет другите.
Не се надевајте!
Не, ако лесно си ги распродадете нивите, комшиите ќе мислат дека лесно ќе ја распродадете и покуќнината и куќата и шталата.
Попустливоста за проблемите со Грција, ги создаде амбициите на Бугарија.
Бугарија е изненадена и фрапирана што се доби Грција.
Немањето на заштитни клаузули за Македонија и нејзината евро-атланска патека е една од најголемите грешки на Македонија, а најголема грешка на меѓународниот фактор во Преспанскиот договор.
Македонија временски не ги детерминираше своите обврски врз база на тоа што ќе добие за возврат. Помалку занесената и повеќе неодговорната надворешна и државна политика создаде состојба во која Македонија се надева дека ќе реализира наплата од купувачи кои имаат историја на неплаќање (на Балканот сме, нели).
Дали има излез? Да!
Но не со оваа политичка филозофија и оваа политичка елита на власт.
Ни треба револуција на умот и љубов кон татковината.