Груевски: Ова со потпишувањето на договорот со ФРОНТЕКС на “НАЈЧИСТ” македонски јазик, разбирам дека е некаква кампања за некоја следна одстапка на национален план

Ова со потпишувањето на договорот со ФРОНТЕКС на “НАЈЧИСТ” македонски јазик, разбирам дека е некаква кампања за некоја следна одстапка на национален план, со која треба да ни се набилда егото дека поразите и капитулациите на национален план всушност се победи, но незнам дали навистина народот толку затупел или овие од власта така го третираат и доживуваат?

Сите меѓудржавни договори и договори со меѓународни институтиции, и порано и сега, и во иднина се потпишуваат и ќе се потпишуваат на македонски јазик, со кирилично писмо, кој нема чиста или нечиста верзија, нема две или повеќе верзии, ниту се потпишува на дијалекти и најчесто покрај на македонски јазик се потпишува уште и на англиски и/или некој друг јазик, зависно со кого потпишуваме.
На ист начин функционираат сите држави.

Никој досега не побарал од Македонија да не биде така.
Тоа не е предмет на спор или дебата со никого.
Тоа не е тема во ниту еден спор.
Отворениот спор од надвор е за тоа како се викал тој јазик(плус нација/националност и историја) до 2. Август 1944 година, а не како се вика потоа и денес.
Како се викале јазикот, историјата и нацијата до августц1944 година. Дали сите предци на оние кои денес се произнесуваме Македонци, реално се чуствувале бугари по националност, говореле бугарски јазик а нашата историја до тој момент дали е бугарска.
Никој, апсолутно никој, досега не побарал од Македонија да не го користи македонскиот јазик во усна или писмена комуникација со неговото кирилично писмо во земјата или надвор, како и во меѓународните договори или да го замени со чешки, грчки или дански или пак бугарски или српски.
Од секогаш во политиката насекаде имало т.н. спинови и пропагандни кампањи и флоскули, ама никогаш немало толку евтини и приземни.

На прва би рекол дека ја потценуваат интелегенцијата на цел еден народ, но кога подобро ќе се размисли всушност тоа е само ниско ниво на интелегенција на власта и оние кои им ги осмислуваат, подржуваат и учествуваат во овие кампањи.
По оваа логика, власта може да направи нова кампања, а потоа да прослави голем успех и јавно на плоштадот Македонија да отвори можеби и славенички шампањ, дека на пример владата испратила телеграма со честитки за католички Божиќ до папата, или до некој претседател или премиер на ЧИСТ, НАЈЧИСТ, НАЈ НАЈ ЧИСТ, ОРГИНАЛЕН, ОРТОДОКСЕН и 100% македонски јазик. И плус литературен! Или каков друг збор нема да им падне на памет…
И?

Ние сите демек треба да “паднеме во несвест” и да го отцениме тоа како некоја голема победа за Македонија и да честитаме на владата?
Неверојатно е со какви глупости го занимаваат или само мислат дека го занимаваат.
После поминат долг период во политиката одговорно им тврдам дека помала фрустрација и бес ќе создадат, иако и таа сеуште ќе биде мошне голема, ако отворено, искрено и без интриги и вакви трикови кажат што и зошто прават, колку и тоа да не е исправно, наместо луѓето да ги прават “будали” кои не само што ќе треба веруваат во тоа, туку и да прослават триумф!
Народот, граѓаните, луѓето во Македонија, дури и кога длабоко не се согласуваат со нешто, ја ценат искреноста, која сама по себе преставува искажување на минимално ниво на почит кон другиот.
И спротивно, бесот и гневот се удвојува кога покрај се, уште и се мамат со трикови кои тешко поминуваат и кај деца од 10-12 годишна возраст.
Всушност тоа е универзално правило.

Facebook
Twitter
LinkedIn