СТАВ: Граѓански водич низ лавиринтите на неуставноста на Законот за употреба на јазиците 2018



ript>

Професорката Каролина Ристова – Астеруд од Правниот факултет ” Јустинијан Први” при Универзитетот “св. Кирил и Методиј” во Скопје започна нешто навистина интересно. Имено, професорката започна со пишување на водич за граѓаните со цел образложување на неуставноста на Законот за употреба на јазиците на начин што секој би можел да разбере. Ова е начин на кој таа се бори, како вистински патриот, за заштита на Уставот на Република Македонија.


 

Професорката Каролина Ристова – Астеруд е една од најдобрите професори по правни научи, со исклучителна биографија, а воедно и редовен критичар на лошите закони носени до сега, без разлика која Влада ги носела.

Таа е една од малкуте кои успеаја да го зачуваат својот интегритет и достоинствено да ја претставуваат својата фела!

Почнувајќи од овој текст, кој претставува вовед во “Граѓански водич низ лавиринтите на неуставноста на Законот за употреба на јазиците 2018”, па се до целосно комплетирање на истиот искрено ви препорачуваме да ги прочитате сите нејзини објави.

ГРАЃАНСКИ ВОДИЧ НИЗ ЛАВИРИНТИТЕ НА НЕУСТАВНОСТА
НА ЗАКОНОТ ЗА УПОТРЕБА НА ЈАЗИЦИТЕ 2018

(ВОВЕД)

По ставањето вето на ЗУЈ 2018 од страна на Претседателот на Република Македонија, проф. д-р Ѓорѓе Иванов, детално аргументирано и образложено, согласно Уставот , законот сега е дојден во фаза на повторно разгледување во Собранието на Република Македонија.

Како што сите сме информирани, опозицијата доставила 35 000 амандмани на законот. Тоа ефективно значи дека за разлика од првото поминување и изгласување на законот, со негово буквално „шверцање“ во законодавниот дом, како и без никакво учество на опозицијата, овојпат за очекување е потемелно разгледување, што се вели, до последна точка и запирка на законот.

Се разбира, ако тоа е намерата и целта на опозицијата, која во целата ситуација има голема одговорност да ја одигра својата проектирана уставна улога.

Самото активирање на претседателското вето, со се што последователно следи, преставува школски пример на отелотворување на основната замисла и идеја на уставотворецот заради која и постои овој и ваков уставен механизам. Имено, и кај нас , како и во споредбеното уставно право на слободни и демократски земји, законодавното вето на шефот на државата (претседател/ка или монарх) е механизам на „ контролна кочница и врамнотежнување“ ( во оригинал – механизам на „check and balance“) во законодавниот процес, односно во процесот на донесување на општите правни правила по кои ќе живее државната, политичката и општествената заедница, како и сите индивидуи кои ја сочинуваат. Секако, ако и кога се воочат, како и аргументирано изложат, сериозни уставно-правни и политички утки и проблеми во носењето и во содржината на законите.

Оттука, оваа и ваква „контролна кочница“ и „ врамнотежување“ е уставно дадена шанса за законодавецот (најчесто парламентарното/владино мнозинство) да се (само)корегира.

Сето ова добива повеќе на значење заради тоа што во нашиот републикански државно-правен поредок, и законодавниот дом, но и шефот на државата, имаат директен легитимитет од Суверенот – граѓан(к)ите, стекнат на квалитативно ист начин, имено, преку општи, непосредни и тајни избори. Дотолку повеќе што сето ова ни се случува во ситуација на т.н кохабитација, односно во услови кога парламентарното/ владиното мнозинство се партиско-политичко преставништво на едни полититички сили во политичкиот плурализам на земјата, а шефот на државата на други (опозициски).

Дотолку повеќе, што сите вклучени институции и носителите на функции во овој процес имаат уставна обврска и заколнатост да го почитуваат и штитат уставот, и со сета своја свест, знаење и совест, да носат закони и други општи правни акти согласно Уставот, а не да се „перат“ и „вадат“ на некаква измислена , дури и скандалозна, сугестија дека само Уставниот суд е (единствената?) институција која треба да ја штити и гарантира уставноста.

Уставниот суд е институција во системот која треба да служи како крајна, исклучителна и инцидентна заштита на уставноста од инстанци на политичка и друга арбитрерност, како и за нејзино конечно толкување пред евентуално „будење“ на уставотворецот, најчесто за т.н гранични или новум случаи во правото, зад кои нужно стојат големите дилеми на правно-политичката филозофија во даден општествен контекст, а кои како предизвик ги поставува самата природа на правото во корелација со (правната) реалност.

Ако Уставниот суд се третира како некаков „петпарачки падар“ односно кочница на редовни, катадневни и очигледни правни повреди, некои на ниво на правни небулози, некои на ниво на апсоловирани работи во правото, а сето тоа заради глумењето „глупи Август“ за целите на политичката или друга арбитрерност, тогаш ние во Македонија си имаме мртво сериозен проблем, не само со разбирање на улогата на Уставниот суд, туку и со сериозна (не)култура на неуставност и на неправо. Тоа, впрочем, во крајна линија се апострофира преку фактот што во споредбеното уставно судство, каде „правото на сослушување“ пред ваквата институција, во (латинскиот) правен јазик познато како CERTIORARI, не е по некаквов широко поставен „автоматизам“, туку, напротив, е резултат на еден крајно строг и селективен правен процес , неретко воден и од логиката на “економичност на правото”, и со веројатност од типот на „гром да удри во коприва“.

Само за најконсеквентната споредбена илустрација: од просечно 7000 иницијативи годишно , Врховниот/Уставниот Суд на САД прифаќа да сослуша и одлучи само околу 100-150 случаи/ grant a writ of certiorari. Па, за момент, земете и замислете си како би изгледало тоа, и што би било со уставноста и владеење на правото, кога сета друга власт и сите други степени на власт, сите други гранки на власта во САД, дали на сојузно ниво, дали на ниво на 50 сојузни држави и САД-територии, почнат да се потпираат на слична „бисер“ политичка и правна логика која ни се „продава“ нам овде по повод ЗУЈ 2018, имено, дека само Врховниот/Уставниот суд на САД има обврска да се грижи за уставноста во земјата? 

За жал, сето ова е нешто што би требало да биде научена и апсоловирана граѓанска политичко-правна лекција, но од тоа како течат дебатите станува очигледно дека сето ова мора ептен да го нагласиме. Со оглед на тоа дека во правно-политичкиот живот на независната македонска држава од 1991 година наваму на прсти на една рака можат да се набројат случаите на претседателско вето (чинам 4-5) , дури и во услови на кохабитација, станува јасно дека неискуството на граѓанството им дава лесно „тело за месење“ на не мал број коментатори од различни провиненции, а богами и на бројни и неосновано претенциозни и редовно кариеристички ориентирани блефери, профитери и манипулатори, секогаш со различни агенди од декларираните, но сите со амбиција да го формираат катадневното јавното мислење и политичките ставови и одлуки на граѓанството по нивен ќејф, неретко целосно спротивно од нивните права, слободи и легитимни интереси .

Во случајов, за целите на покривање на неуставноста на ЗУЈ 2018 и повредата на Рамковниот договор, вклучително и со омаловажување на целиот контекст кој го создава претседателското вето, на еден крајно неодговорен, опортун и конјуктурен (за нив!) начин, многу повеќе возејќи се на персонални и политички анимозитети спрема Претседателот („Фикусот“), на „сите негови гревови“, отколку дали аргументите и образложението за ветото за ЗУЈ 2018 се основани или не.

Секако, без многу-многу да се заморуваат со промислување на лошите последици од таквиот пристап, пред се, од аспект на подолгорочото градење на демократската политичка култура и суштинските аспекти на концептот на владеење на правото, кое, патемно, не инсистира само на запазување на формата на правото, туку и на содржината и суштината на правото. И, секогаш, ама баш секогаш, наново и наново, со оној неинтелегентен, па дури и заглупувачки, и крајно недемократски и деструктивен пристап на „ние вечно ќе сме на власт, а другите во опозиција“, што им овозможува онака мртви-ладни да го сведуваат ветото на некаква „ техничка и процедурална баналност“ која парламентарно/владиното мнозинство во законодавниот дом само треба да ја „прегрми“, без никакво промислување за шансата за (себе)корекција, па повторно да си го изгласа законот „без да смени ни точка и запирка”. По што, нели, Претседателот ќе мора да го потпише „како попче“, како што некои тоа го истакнуваат, небаре тоа, вака како што се тера, ќе биде некаков триумф на демократијата и правото. Севкупно, во своите умислени таленти за спознавање на тајните на каменот на мудроста на реал-политиката, си тераат разбирање на целата ситуација, на овој уставен механизам, па и на целиот уставен поредок, како за некаков најобичен панаѓур на политички суети, надмоќ, па дури и на нетрпеливости и омрази меѓу политичките субјекти, како за шанса да се докаже и демонстрира дека сепак „магарето лета“, а во пософистицираната варијанта, шанса за демонстрирање на онаа за „ правото на силата, а не силата на правото“.

Сепак, според мене, најважен е Суверенот односно граѓанството, тоа да ги има сите потребни информации за ЗУЈ 2018 година, за да може да формира информирано и одговорно мислење и став за што се всушност преставува овој закон. Дотолку повеќе што законот има огромни импликации по непосредната и подолгорочната иднина на земјата, нејзиниот мир, стабилност и просперитет, за сегашните и идните генерации. Од сите можни аспекти (правни, политички, економски, социолошки и културолошки), како што впрочем беа изложувани и аргументирани во досегашната дебата, иако непосакувана, нестимулирана и тенденциозно потиснувана од власта и целата нејзина медиумска логистика . Во срцевината на сите тие аспекти почетно е правниот аспект, односно дали и колку овој закон е досега најтешката повреда и најсериозен упад во уставниот поредок на земјата, како и на Рамковниот договор од 2001 година, а кој пак, како мировен договор, беше меѓународно посредуван, верификуван и гарантиран, и, како таков, има правно- инструментална и суштинска улога во правното разбирање и толкување на уставно-правните решенија, особено оние амандманските од 2001 година.

Сето тоа неминовно е поврзано и со поголемото и ептен сериозното прашање за судбината на самиот Рамковен договор, дали и во кој опсег овој закон преставува негова повреда, со негово грубо пробивање и редефирање на решенијата според логиката „што не е издејствувано во Охрид, може да се добие со упад во уставноста“, и без следење на задожителниот пат на измени и/ли дополнувања на Уставот на РМ, ако некој веќе мисли дека се потребни некакви „надградувања и проширувања“, и да го презентира својот аргумент и предлог како што е редот. И, секако, со поништување на политичките права на “едната половина„ парламентарно-политичкото преставништво на мнозинската етничка заедница на Македонците, и со истовремени најгруби политички уцени за владино коалицирање на парламентарно-политичкото преставништво на „другата половина“ од истата таа заедница, со апсолутна безобзирност кон сите други уставни начела, вредности, правила, па и слободи и права, сосе финансиските, и сето тоа како демек- формула за унапредување нечии права ( а најмалку се работи за права) , и со најдолно набедување дека овие “другиве “ , оние де, со поништените права и по политичка уцена треба да го прифати упадот и повредата во однос на своите права, па згора на се, и да се чувствуваат виновни и кабает ако се побунат, море дури и да се извинат што ѕуцнале. Исто, сето ова како демек -формула за меѓуетнички соживот и почит, инаку нигде невидена така формулирана и применувана, всушност, обратно, сегде дефинирана и именувана како формула за конфликт. Сето ова веќе има и допрва ќе има огромна правно-политичка тежина, проблематичност и крајно лоши импликации, дотолку повеќе ако се земат во предвид околностите и условите како и зошто Рамковниот договор беше преговаран и договорен, и во значаен дел, преточен во Уставот.

Заради се погоре наведено, за сето заинтересирано граѓанство, во наредниот период, односно во деновите што ќе следат, се надевам на дневна основа, ќе се потрудам да подготвам своевиден водич низ лавиринтот на неуставноста на ЗУЈ 2018, една по една, а ја има од малтене прв до последен член, како што и досега беше истакнувано од многумина. Секако, не во форма и по стил „како за пред Уставен суд„ туку во форма и со стил за кои верувам дека се посоодветни и поприфатливи за пошироката јавност. Значи, повеќе организирана по тематската и концептуална поставеност на решенијата на ЗУЈ 2018 наспрема оние во Уставот и Рамковниот договор, и секако како рефлексија на поставуваните прашања и дилеми во јавноста, како истите беа адресирани и одговарани, во дел богами и со сеење магла и лажги, што е крајно нечесно спрема граѓанството во целина, па и кон сопствените гласач(к)и, а и спрема се другото што е влог, ич муабет да не се прави.